Иранците тринаесетти ден по ред излегуваат на улиците во знак на протест против теократското владеење на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, додека бројот на жртвите и уапсените продолжува да расте.

Во демонстрациите, кои се поттикнати од длабоката економска криза и репресивните мерки на режимот, досега се убиени најмалку 51 лице, а повеќе од 2.260 луѓе се уапсени.

Иранскиот принц Реза Пахлави, син на последниот шах Мохамед Реза Пахлави, вчера ги повика граѓаните да излезат на улиците во 20 часот. Како одговор, властите воведоа блокада на интернетот и телефонските врски со надворешниот свет, мерка што и денес останува на сила.

Протераниот ирански престолонаследник денес повторно се огласи, овојпат преку социјалната мрежа X (X), упатувајќи апел до американскиот претседател Доналд Трамп да „биде подготвен да интервенира, да му помогне на народот на Иран“.

„Ги повикав луѓето да излезат на улиците и да се борат за својата слобода и да ги надминат бројните безбедносни сили. Синоќа тие го сторија тоа. Вашата закана кон овој криминален режим ги држеше настрана и бандитите на режимот. Но, времето е од суштинско значење. Луѓето ќе се вратат на улиците за еден час. Ве молам помогнете“, му порача Пахлави на американскиот претседател.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денес ги осуди протестите, оценувајќи дека демонстрантите ги уништуваат сопствените улици со цел да му угодат на претседателот на друга држава.

По неговото обраќање, според агенцијата Бета, во повеќе градови по петочните молитви биле одржани митинзи на поддржувачи на Исламската Република, за кои опширно известувале државните медиуми.

Техеранскиот обвинител Али Салехи изјави дека демонстрантите кои палат јавен имот и се судираат со безбедносните сили ќе бидат третирани како „терористи“ и обвинети за „мохаребе“, односно водење војна против Бога, дело за кое е предвидена и смртна казна.