Непозната материја од реката Лепенец се влеала во Вардар, по што инспекциските служби на Град Скопје веднаш излегле на терен. За случајот биле известени и инспекторите од Министерството за животна средина, а екипи на ЈП „Водовод и канализација“ зеле примероци од реката за да утврдат за каква материја станува збор.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека бил пуштен и дрон за откривање на причинителот. Тој најави дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом надлежното Министерство достави подетални информации.

Неговата објава ја пренесуваме во целост:

„Почитувани мои сограѓани,

Пред околу час и половина, до нас како Град Скопје пристигна пријава за непозната материја која од реката Лепенец се влеваше во Вардар.

Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така веднаш излегоа на терен.

Дополнително, од страна на инспекциските служби на Град Скопје, беше пуштен и дрон за детектирање на причинителот на оваа појава, а службите од ЈП „Водовод и канализација“ беа повикани за да земат примероци од реката, веднаш да ги испитаат и да утврдат за каква материја станува збор.

Во комуникација сме со Министерството за животна средина и со министерот и верувам дека за кратко време ќе биде откриен причинителот на оваа појава и соодветно санкциониран.

Толеранција нема да има за никого.

Веднаш штом добиеме подетални информации од Министерството, кое е надлежно за разрешување на состојбата, ќе бидете информирани.“