Судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжи во судницата во Идризово со сослушување на стручно техничко лице. Сведочеше вештакот предложен од одбраната на Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“, која е обвинета дека проектната документација што му ја предала на првообвинетиот Дејан Јованов послужила за добивање официјални решенија и лиценци за работа.

Техничкиот советник Јорго Османли, кој на барање на Едровска го изготвил стручниот наод и мислење, пред судскиот совет појасни дека предметниот документ изработен во текот на 2012 година бил насловен како „Основен проект“, но во реалноста претставува само делумна проектна документација во која недостигаат задолжителните фази пропишани со Законот за градење.

„Ниту е ревидиран од овластен ревидент, ниту е испратен на анализа во Општина Кочани и нема никаква улога во добивањето решенија и лиценци. Единствено е само хартија. Овој документ со сигурност не може да ги потврди сите градежно-технички услови за користење на објектот како дискотека, бидејќи не е поврзан со Законот за угостителство“, изјави Османли.

Вештакот во своето образложение истакна дека внатрешното уредување и просторната организација во објектот биле поставени пред Милка Едровска воопшто да го состави наведениот документ.

„Немало никаква промена во фактичката состојбата во објектот и на сообраќајниот режим пред него. Согласно увидот во списите, реновирањето на објектот е во 2024 година, што значи и во 2023 сè било исто како и во 2012 година. Повторно, ако еден проект не е ревидиран и однесен во општина нема никаква правна важност, според мене. Јас сум инжинер“, изјави вештакот.

На прашањето дали обвинетата со овие документи на каков било начин му помогнала на Јованов да се стекне со лиценца за работа, вештакот категорично посочи дека не постои начин како би помогнала таква неважечка документација.

„Согласноста од СВР Штип е пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012 година, а лиценцата е издадена на 13.12.2012 година. Лиценцата е издадена 4 дена порано од изработката на документот. Од тоа можеме да заклучиме дека лиценцата не е издадена врз основа на тие документи“, посочи Османли.

За време на испрашувањето од страна на Јавното обвинителство, Османли потврди дека документот „Основен проект“ со трите придружни елаборати содржи потпис на обвинетата Едровска, како и дека во самата содржина не стои изречна напомена оти станува збор за нецелосен проект без неопходните фази.

Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, го запраша вештото лице дали извршило непосреден теренски увид, на што Османли одговори негативно. Коцевска веднаш поднесе приговор кон целото вештачење со барање судот да го отфрли како нерелевантно, а по одбивањето на барањето, побара соочување на сите повикани вештаци или изготвување на ново супервештачење поради взаемни противречности.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска даде задолжение странките на следната расправа да ги повикаат своите вештаци на соочување или да достават нивни писмени произнесувања за спротивставените стручни точки.

Обвинетиот Зоран Николовски, службено лице во Министерството за економија, истакна забелешка во однос на наводите за полициските согласности и појасни дека документацијата од полицијата била доставувана во два наврати.

„Во однос на согласноста од МВР пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012 година, тоа е по вторпат, и тоа по мое барање до Пазарна и до ДПИ. Во предметот имаше согласност од МВР пристигната на 29.11.2012 година“, изјави Николовски.

Во трагичниот пожар во кочанската дискотека живот го загубија 63 лица, додека 222 посетители се здобија со телесни повреди.