Силно невреме денеска зафати делови од Кипар, при што еден човек е повреден од удар на гром, а пријавени се и поплавени улици, прекини во снабдувањето со електрична енергија и материјална штета. Поради лошите временски услови, 11 летови биле пренасочени, додека температурата се намалила за 10 степени во споредба со вчера.

Според кипарските медиуми, 45-годишен маж од Шри Ланка бил повреден откако во него удрил гром во село во близина на Ларнака. Тој со изгореници бил пренесен во болница и, според информациите, е во добра здравствена состојба.

Ударите од гром на некои места предизвикале и оштетувања на електричната мрежа, поради што дошло до прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Во Каво Греко, познатиот ’рт на југоисточниот брег на Кипар, во близина на приморскиот град Аја Напа, целосно бил уништен туристички чамец. Единствениот патник бил спасен, објави порталот за временска прогноза „Kitas Weather“.

Според кипарските медиуми, во тек е и акција за спасување и безбедно пренесување на копно на патници од уште два чамци.

Невремето предизвикало проблеми и во воздушниот сообраќај. Вкупно 11 летови биле пренасочени – еден лет што требало да слета на аеродромот во Пафос и десет кон аеродромот во Ларнака. Проблеми и доцнења биле регистрирани и кај полетувањата од двата кипарски аеродроми.

Силниот дожд и ветер предизвикале материјална штета во делови од земјата, а проблеми имало и на патната инфраструктура поради поплавени улици.

Преку официјалниот систем на цивилната заштита за предупредување на населението CY-Alert, до граѓаните низ целата земја била испратена порака со која биле информирани за невремето и зголемената опасност од поплави.

„Избегнете ги непотребните движења и за ваша безбедност останете дома. Информирајте се и следете ги упатствата на надлежните органи“, пишувало во пораката.

Од метеоролошката служба за кипарската новинска агенција ЦНА посочиле дека невремето со силни грмотевици, град и силни ветрови се очекува да продолжи до попладневните часови. Дополнително, постои можност и за појава на торнада.

Торнадо во морето било забележано претпладнето во близина на градот Ларнака, според видеото објавено на социјалните мрежи.