Независниот студентски сојуз најави дека во понеделник, на платото пред УКИМ со почеток од 13:00 часот, ќе се одржи пленумски собир на студентите како одговор на трагичниот настан Кочани. Од организацијата нагласуваат дека оваа иницијатива е чисто студентска, со цел да се покаже солидарност и одговорност , без никакво партиско влијание.
Апелот на Независниот студентски сојуз: Левица да се воздржи од злоупотреба и мешање
Во официјалното соопштение, НСС остро реагира на, како што велат, обиди за злоупотреба на трагедијата во Кочани од страна на политички субјекти. Особено е посочена политичката партија Левица, за која постојат индиции дека се обидува да се вмеша во организацијата на собирот.
„Апелираме политичките партии и нивните претставници да не се мешаат. Ова се моменти на искрено и чесно студентско организирање. Особено ја повикуваме политичката партија Левица да се воздржи од какво било присуство. Доколку во понеделник видиме партиски лица на настанот, ние веднаш јавно ќе ги објавиме,“ стои во реакцијата од НСС.
Платото пред УКИМ – простор за солидарност, не за политика
Организаторите нагласуваат дека целта на пленумскиот собир е поддршка за настраданите во Кочани и создавање простор за автентичен студентски активизам. Од Независниот студентски сојуз истакнуваат дека ова не е протест, туку чин на граѓанска совест и заедничка грижа.
- „Не за политика во овие моменти! Повторуваме – ова е студентски собир, а не сцена за партиска самопромоција. Нема да дозволиме трагедијата да биде инструментализирана,“ се вели во нивниот став.
Извор: Курир