Сојузот на синдикатите на Македонија како единствената класна и работничка организација, која опстојува од 1946 година, денеска се соочува со најголемиот напад за егзистирањето на ССМ, вели претседателот на Сојузот, Слободан Трендафилов.

„Поради сè што правевме во минатото, организирањето на протестите, штрајковите, борбата за подобрување на работничките права, борбата за зголемување на платата на работниците, очигледно беше кнедла во грлото на многу функционери, на многу судии, на многу избрани и именувани лица, кои сакаат на некој начин да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија, да го дисциплинираат ССМ и на таков начин да го уништат“, рече Трендафилов.

Тој посочи дека ССМ добил неофицијални информации дека Врховниот суд донел пресуда со која се одзема Работничкиот дом.

„Добивме неофицијални информации за кои ние сè уште не сакаме да веруваме дека се такви, дека Врховниот суд донел некаква си пресуда со која се одзема Работничкиот дом, домот кој е граден од средства на работниците во 1958 година. Врз основа на целокупната документација со која располагаме, инвестирани се 430 милиони динари тогашни или повеќе од 8 милиони долари во денешна противвредност. Имот што е граден од членарина, пред сè, од пари на работниците, од платата на работниците“, изјави Трендафилов.

„Врховниот суд, имајќи предвид дека е највисоката судска инстанца во државата, одлуката не може да се оспори во домашното право и законодавство, туку надвор. Донел некаква пресуда, која ги поништува сите постапки почнати од 1992 година од тогашните влади, функционери, правобранители, кои се во име на ССМ, врз основа на целокупните аргументи, повеќе од 15 судски пресуди, шест само во последниот случај од 2005 до денеска, повеќе од 15 решенија на управни институции, управни органи, преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлука е повисока од Уставот на државата во тој систем и денеска и поради тоа што денешните судии што претседавале со советот во Врховниот суд, кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи на таа држава, од која Македонија била дел.

Сме успеале да го зачуваме имотот на работниците, сме се бореле, а Врховниот суд нè спречил општествениот имот на граѓаните, и работниците и на фирмите да биде разграбан од олигархијата и тоа што ние успеавме да го зачуваме денеска сакаат да го земат.

Работничкиот дом го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе го преживее и потресот од Врховниот суд, кој се обидува на ваков начин да го направи. Дали Врховниот суд ќе ги преживее потресот и гневот на работниците и гневот на ССМ, останува да видиме“, рече претседателот на ССМ.

„Симптоматично е тоа што претседателот на Врховниот суд бил вклучен во постапката од 2005 година додека извршувал функција заменик-јавен правобранител и сакал да го земе Работничкиот дом за денеска, кога е претседател на Врховниот суд, да се преиначат сите постапки во кои тој бил неуспешен и на таков начин да ја одземе зградата од позиција на моќ“, додаде Трендафилов.

Како што рече тој, ќе го повикаат Советот на судии на одговорност, а од претседателот на Врховен ќе се побара оставка.

„Денеска, беше одржана вонредна седница на ССМ и побараа оставка од сите. Ќе побараме распад на Врховниот суд. Жално е што денеска во Македонија ни се случува истото како во 1933 година во фашистичка и нацистичка Германија“, рече тој.