Набавката на нови 49 комунални возила за општините ќе помогне за подигнување на нивото на хигиена што е исклучително значајно за подобрување на квалитетот на живот и урбаното живеење, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на промоцијата на новите возила во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалници и претставници на Светска банка.

Новите комунални возила ќе бидат вклучени во одржувањето на хигиената во град Скопје и општините Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес.

Како што информира Николоски, со 4,2 милиони евра преку Светска банка набавени се 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет цистерни и 21 мултифункционални возила за чистење на улиците.

Тој сподели дека средствата за набавката на возилата се обезбедени со заштеда на средства преку проектот за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици што го спроведува Владата со Светска банка веќе неколу години.

– Последните два повика беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светска банка и со нејзиниот тим — се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини. Идејата дојде дека можеби овие возила, коишто се денес зад нас реалност, се најдобриот начин да се помогне на Градот Скопје и на останатите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда. Проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа набавка е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен, отворен процес успеавме да ја завршиме набавката, но и повторно да заштедиме средства – рече Николоски, заблагодарувајќи се на поддршката од Светска банка.

Николоски најави дека со следните проекти коишто ќе ги реализраат ќе има комунални возила и за останатите општини.