Градски воз како клучна компонента од брзата пруга

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, изјави дека Владата работи на три главни инфраструктурни проекти чија цел е да се намали загадувањето на воздухот во Скопје. Првиот проект, како што објасни, е градски воз.

Според него, веќе се работи на помала верзија на проектот со сопствени средства, додека поголемата линија е дел од британски проект, што е поврзано и со брзата пруга. Тој потенцираше дека поголемиот дел од градскиот воз во Скопје ќе биде интегриран во тој регионален железнички развој.

„Првото е градски воз, на тоа работиме со сопствени средства, помалата верзија е работена со сопствените средства, а поголемата со од британскиот проект, дел од брзата пруга е и големата линија на градски воз во Скопје“, изјави Николоски.

Набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 за Скопје

Вториот проект што го најави Николоски се однесува на модернизација на возниот парк со еколошки автобуси. Тој ексклузивно за Канал 5 откри дека е веќе објавен повик за набавка на 120 вакви возила, но изрази незадоволство што другите медиуми не го пренеле тоа.

Според најавата, 80 од автобусите ќе бидат наменети за градот Скопје.

„Ексклузивно еве за Канал 5. Излезе повикот за 120 еколошки автобуси, 80 ќе бидат во Скопје, но никој медиум не објави“, рече Николоски.

Николоски: Трамвај и парно греење – финалните елементи за борба против загадувањето

Третиот проект што го посочи Николоски е трамвајскиот систем, за кој смета дека претставува клучна компонента во борбата со загадувањето во главниот град. Според него, ако овие три инфраструктурни решенија се реализираат – градски воз, еколошки автобуси и трамвај – ќе се постигне значително подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.

„Третата работа која му треба на Скопје е трамвај. Ако ги направиме овие три работи, ќе се намали загадувањето во Скопје“, истакна тој.

Дополнително, Николоски го спомена и затоплувањето на домаќинствата како уште еден клучен фактор. Тој рече дека потребно е воведување парно греење за најголем дел од домаќинствата во Скопје како трајно решение за намалување на загадувањето.

„Горниот дел е загревањето – со затоплувањето да се направи парно греење до најголем дел од домаќинствата во Скопје. Ако се реши и ова, нема да има проблеми со загадување“, нагласи Николоски.