Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски по средбата со хрватската делегација на чело со премиерот Андреј Пленковиќ, изјави дека Македонија и Хрватска имаат блиска и братска соработка, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ имаат долгогодишно партнерство, а и двете партии се членки на Европската народна партија.

Тој посочи дека еден од најголемите проблеми што Македонија ги имала бил поврзан со транспортерите, а Хрватска, веднаш по Швајцарија, била првата држава што излегла во пресрет.

„Хрватскиот сабор на 15 мај донесе закон со кој македонските транспортери добиваат долгорочни визи и така се решава проблемот за голем дел од транспортерите. Имајќи предвид дека Хрватска е членка на Шенген, овие визи важат за сите земји од Европската Унија“, рече Николоски.

Тој нагласи дека на средбата присуствувала и бројна стопанска делегација со најголемите компании од двете земји и дека економската соработка има простор дополнително да расте.

„Имаме трговска размена од околу 300 милиони долари, при што Македонија има мал суфицит. Се надеваме дека размената ќе порасне на најмалку 400 милиони долари“, изјави Николоски.

Според него, постои интерес и за хрватски инвестиции во Македонија, но и за македонски инвестиции во Хрватска.

Николоски истакна дека Македонија и Хрватска имаат стратешка соработка во три клучни области – транспортот, железницата, енергетиката и одбраната, на кои, како што рече, ќе се работи интензивно во следниот период.

Тој ја поздрави и одлуката на Хрватска за голем инвестициски циклус на Коридорот 10, вреден околу две милијарди евра.

„Хрватска ќе гради брза пруга од границата со Србија до границата со Словенија, а Македонија ќе гради брза пруга од границата со Србија до границата со Грција. Тоа ќе донесе уште повеќе транспорт и сообраќај со брзи возови“, рече тој.

Осврнувајќи се и на туризмот, Николоски изјави дека Охрид има потенцијал да привлече повеќе хрватски туристи и најави можност за директна авиолинија меѓу Охрид и Дубровник.

„Хрватска има прекрасно море и брег, но верувам дека дел од хрватските граѓани ќе сакаат промена и Охрид е добра туристичка дестинација. Се надевам дека наскоро ќе има директна авиолинија Охрид–Дубровник“, изјави Николоски.