Формиран и фонд за поддршка на многудетни семејства

Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА на денешната редовна седница донесе одлука за формирање комисија која ќе работи на решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии.

На седницата, митрополитот Струмички г. Наум е избран за нов член во постојаниот работен состав на Синодот, додека за негов заменик е избран митрополитот Европски г. Пимен.

Од МПЦ – ОА информираа дека на седницата биле разгледани и усвоени годишните извештаи од епархиите во земјата и дијаспората, при што посебно внимание било посветено на демографската состојба кај македонскиот православен народ.

„Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод, одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства“, соопшти МПЦ – ОА.

Синодот предупредува на лошата состојба на храмовите и манастирите

На седницата била разгледана и состојбата со духовното и културното богатство во македонските храмови и манастири. Од Синодот посочуваат дека поради недостиг на стручни кадри за конзервација, дел од тоа богатство се наоѓа во лоша состојба.

Светиот синод апелираше до надлежните институции да преземат соодветни мерки за зачувување на црковното и културното наследство.

Нови уписи во Богословијата на 19 јуни

Како основач на воспитно-образовните институции при МПЦ – ОА, Синодот ја поздравил работата на Управата на Богословијата.

Беше посочено дека во учебната 2025/26 година е спроведена наставна програма од четири години, а уписот на нови ученици е закажан за 19 јуни 2026 година.