За потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски очигледно е дека СДСМ и ДУИ преку Обвинителството во Тетово си нарачале Извештај каков што им одговара со цел да скријат одговорност.
Николоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со Извештајот за модуларната болница во Тетово, рече дека дека во најмала рака, било „смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел”.
–Во исто време дури и да е така како што тврди Тетовското обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на Министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени, рече Николоски.
Инаку, денеска Јавното обвинителство информираше дека во Основното јавно обвинителство Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.
–Со вештачењето се утврдува дека пожарот, во кој загинаа 14 лица, настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, се вели во Извештајот.