Во интервјуто за порталот „Макфакс“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека местото на Република Македонија е во ЕУ, а не во други форми на сојузување.
-За нас мислам дека е многу лошо. Јас за оваа работа не сакам да зборувам во прво лице еднина, но мислам дека досега сум еден од ретките можеби и единствен политичар кој што излезе со чист став. Дури за ова прашање и напишав авторски текст за неделникот „Фокус“ во најновиот број, каде што јасно го презентирам овој концепт. Идејата на претседателот Макрон е многу едноставна, ЕУ да остане во овој состав, евентуално да влезе некоја развиена земја од Европа, а паралелно на тоа да се формира Европска втора лига во која што би влегле два типа на држави. Помалата група на држави се земјите кои што не сакаат да влезат во ЕУ од типот на Велика Британија која што излезе и Швајцарија која што не сака да влезе во ЕУ, и Норвешка која што исто така не сака да влезе во ЕУ. И поголемата група се земји кои што сакаат да влезат во ЕУ, но според европските земји не ги исполнуваат критериумите, тука се балканските земји, и поранешните републики од Советскиот сојуз. И мислам дека јавноста ќе се согласи дека не е едно симпатично друштво за Македонија да е во друштво на Косово, Босна, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија, Украина. Не мислам дека тоа е добро друштво за државата, истакна Николоски.
Николоски укажа дека дополнително таа што ја нарекуваат Европска политичка заедница би бил еден многу лабав сојуз односно многу лабава форма на сојузување која што ќе нема никаква извршна и економска моќ. Тоа ништо суштински нема да и помогне на Македонија.
-Проблемот е поголем што за оваа идеја веќе позитивно се произнесе претседателот Европскиот Совет односно Шарл Мишел кој што имаше настап во јавноста вчера и кажа дека за брзо време, во текот на летото ќе свикаат конференција на која што веќе ќе почне да се имплементира оваа идеја. Што значи дека ова оди на брза трака. Тоа што дома ме загрижува, тоа што нема јасен став во Владата дека местото на Македонија е во ЕУ, а не во било каква друга форма на сојузување. Ме загрижува што портпаролот на Влада рече дека ова е добра идеја. И ме загрижува што неколку ликови кои што се блиски до власта пишуваат текстови дека ова е добра идеја. Јас не мислам дека е добра идеја, затоа што ја става Македонија во една крајно проблематична група на држави кои што имаат сериозни проблеми, кои што имаат проблеми со внатрешната функционалност, рече Николоски.