Потпретседателот на ВМРО –ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека најавениот поволен кредит од милијарда евра ветен во предизборието нема да биде заем од Кина, туку од земја членка на ЕУ и НАТО.
Тој во синоќешното гостување на ТВ Телма тврди дека идната влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ не планира соработка за тоа со Кина, ниту со Русија.
Ваквиот чекор го правда со тоа што вели дека каматите на меѓународните кредитори како ММФ и Светска банка поскапеле и сега изнесуваат и над 5 отсто што е исклучително скапо.
За заемот договорен влада со влада, вели имаат 2 основни предуслови.
– Каматата да е пониска од меѓународните кредитори, факт е дека тој што ќе ги позајми парите ќе заработи, нема да ги даде како подарок, ние би биле среќни доколку каматата е под или околу 3 проценти. И, второ, да има еден пристоен грејс период и пристоен период на враќање на тој кредит, како би можел истиот да биде употребен за развој на државата, рече Николоски.
Вели дека ништо не објавиле затоа што не е постигнат дефинитивен договор.
Додава дека со една држава разговорите се во напредна фаза, но не исклучува дека може да се појават и други заинтересирани страни.