Најголем приоритет нa заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски му е да ја изгради брзата пруга на Коридор 10. Николоски го рангира овој проект како најважен проект, кој ќе ја однесе Македонија во иднината и ќе придонесе за економски развој.
Со овој проект ќе фатиме чекор со светот и нема да останеме слепо црево, истакна министерот Николоски во вечарашната емисија “Само интервју” на ТВ Канал 5 .
Во интервјуто тој нагласи дека овој проект е исплатлив и дека веќе постои проект од 1978 година за изградба на пруга со проектирана брзина од 140 до 250 km на час.
Ако ме прашувате за исплатливоста, тој е исплатлив. Тогашниот проект не се реализирал веројатно заради распадот на Југаославија. И тој проект би не чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 km пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии. Потенцирам тоа ќе биде пруга со две линии. Јас проектов ќе го завршам и нема да биде изграден од руска, кинеска или индиска компанија, ќе го почнам и ќе го завршам бидејќи очекувам ВМРО-ДПМНЕ да има два мандати, истакна министерот Николоски.
Тој потенцираше дека брза пруга Скопје – Солун ќе значи развој на државата во целина од прични што покрај пругата можат да се градат потенцијално економски зони кои како поевтин транспорт би го користеле железничкиот.
Најави дека во текот на утрешниот ден на состанокот на министри на ЕУ што се оддржува во Будимпешта, ќе се сретне со министрите за транспорт од Грција, Србија Унгарија и Австрија, каде меѓудругото фокус тема на разговорите ќе биде и изградба на брзата пруга на Коридор 10.
Во однос на прекинување на постапка за изградба на 3-та фаза од пругата кон Бугарија, министерот Николоски потенцира дека не е против изгардба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција лично него и на претседателот на Владата за што јавно беше истакнато.