И оваа година големиот македонски празник, Илинден помина со низа скандали и невообичаени начини за прославување на празникот. Сè започна со тоа што претседателот на државата, Стево Пендаровски, за првпат одлучи дека нема да го прослави од Крушево и Мечкин Камен, а за тоа со коментар се јави и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој напомена дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати традиционалното прославување на Илинден на Мечкин Камен кај Крушево, наспроти новините што годинава ги воведе шефот на државата, Стево Пендаровски.
Потпретседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, изјави дека не смееме да дозволиме да се сквернави празникот, во услови кога се гази македонскиот идентитет, кога се става под прашалник од страна на соседите, пред се од Бугарија, целокупната македонска историја.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски упати честитка по повод овој празник, Илинден го нарече „епска битка“ и одржа говор од струшкото село Ташмаруништа.
За разлика од Мицкоски и Николоски, членовите на владејачкото мнозинство овој празник го честитаа без да го спомнат името на државата, Македонците, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Најмногу на провокации наиде Фејсбук објавата на министерката за образование и наука, Мила Царовска која ниту еднаш не ги употреби овие термини. И другите членови на владејачкото мнозинство со слична реторика. Никола Димитров зборуваше за соживот, еднаквост, државотворност, правда, додека Заев говореше за асномските идеали кои и самиот тој ги погази. За говорот на Заев, со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски од Крушево порача дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со Пендаровски и даде сопствен коментар за актуелните случувања по повод овој празник.
– Би сакал да споделам едно горчливо чувство за тажната слика што денес ја гледаме на Мечкин Камен. Првпат, после скоро осум децении, традиционалната манифестација на Мечкин Камен не се случува поради каприц на власта, односно поради одлуката на власта да избега од сопствениот народ, затоа што, како што самите кажуваат, се уплашени од свирежите на народот. Затоа денеска Мечкин Камен е празен, затоа власта бега од народот и затоа измислуваат некакви си прослави што треба да се случат навечер, без пригодни говори, со некаква музичка манифестација и во некакви кралски манири, така што сите треба да чекорат позади еден. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на власта предводена од Зоран Заев и затоа реши денеска дадојде тука, како што е редот, преку ден, во периодот кога секогаш се одржувала манифестацијата за прославата на Илинденското востание, да се поклони пред хероите, да положи свежо цвеќе и да одаде почит, рече Николоски од Крушево.