Бизнис форумите во Истанбул и Будимпешта како основа за продлабочена соработка
Министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија изјави дека бизнис форумите со Турција се дел од однапред договорена стратегија со поддршка на Обединетите нации преку UNDP.
Тој појасни дека на почетокот на годината биле договорени два големи форуми, од кои едниот се одржал во Будимпешта, а вториот во Истанбул.
„Ние на почетокот на годината во соработка со UNDP односно механизмот на ОН за поддршка договоривме вакви два бизнис форуми. Едниот беше во Будимпешта, вториот еве во Истанбул. Навистина успешно, преку 100 македонски бизнисмени беа таму и уште стотина бизнисмени од другата страна“, изјави Николоски.
Тој додаде дека постои значителен простор за раст на економската соработка и дека веќе има голем број компании што инвестираат во двете земји.
„Се остава голем простор за соработка помеѓу двата бизниси. Бројни македонски компании инвестираат во Турција или работат со Турција, бројни турски компании инвестираат во Македонија или имаат работа во Македонија“, рече тој.
Тој додаде дека постои значителен простор за проширување на економската соработка и веќе активни инвестиции меѓу двете држави.
Инвестиции, нови линии и раст на трговската размена
Николоски истакна дека посетата на владината делегација во Турција била исклучително успешна, посочувајќи ја средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како потврда за добрите билатерални односи.
Тој нагласи дека интересот на турските компании за инвестирање во Македонија е голем и објасни дека тоа е поврзано со економските договори и геостратешката позиција на земјата.
“ Има голем интерес на турски компании да инвестираат во Македонија, причина е што Македонија има договор за слободна трговија со EУ и одличен договор со САД. Турција има проблем во извозот во Европската Унија и одредени компании се заинтересирани токму во Македонија да инвестираат. Понатаму, тука е блискоста помеѓу двата народа и двете држави и релативната близина има добра поврзаност. Веќе Туркиш Ерлајнс покрај Скопје, почна да лета за Охрид, а од 2 јули започнува директен лет на АЏет од Анкара до Скопје. Морам да нагласам дека е без субвенции, што значи дека воопшто не побараа субвенции и мислам дека е добро да ја отворат. Заедно со двајцата министри, министерот за трговија, министерот за транспорт и инфраструктура договоривме и карго поврзување помеѓу двете држави, имајќи предвид дека едниот крак на Коридор 10 започнува во Истанбул и тоа е најкраткиот пат за роба од Турција до Централна Европа”, изјави Николоски.
Тој додаде дека постои реален потенцијал трговската размена да достигне 2 милијарди долари, посочувајќи дека инвестициите и двонасочната економска активност веќе растат.
“Бројни македонски компании инвестирале во Турција или работат во Турција, бројни турски компании инвестирале во Македонија или имаат работа во Македонија. Така што е добро да оваа соработка да расте, а самото тоа што премиерот Мицковски вчера беше на највисоко ниво пречекан од страна на претседателот Ердоган, беше пречекан онака како што најдобро би можеле да посакаме да биде пречекан еден државник од Македонија со сите највисоки почести. Тоа покажува какви се односите помеѓу двете држави, тоа покажува и која е личната почит кон премиерот Мицкоски од страна на претседателот Ердоган, но и кои се односите помеѓу двете држави. Така што мислам дека целокупно успешен беше овој форум и плодовите ќе ги собираме во периодот што следи”, истакна Николоски.
Раст на карго сообраќајот и нови железнички проекти
Во делот на инфраструктурата, Николоски посочи дека карго транспортот на Коридорот 10 бележи раст и дека се реализираат нови проекти за модернизација на железничката мрежа.
„Во првите 3 месеци од оваа година растот во карго делот е 23% во роба и 18% во финансии“, рече тој, повикувајќи се на информации од јавното претпријатие Железница транспорт.
Тој најави и скоро пуштање во употреба на линијата Драчево–Миладиновци, која ќе служи како карго обиколница на Скопје.
„Тоа е добро од 3 причини. Прво за да се намали загаденоста во Скопје, второ ова е целосно електрифицирана линија и трето сериозно се крати патот кога се патува нагоре кон Србија, Унгарија, Австрија“, изјави Николоски.
Тој додаде дека државата работи и на набавка на нови карго локомотиви со поддршка од Европската банка за обнова и развој, со цел дополнително зајакнување на железничкиот товарен сообраќај.
