„Идејата пред 36 години стана симбол на борба за слободна Македонија“

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати повик до членството и граѓаните да присуствуваат на големиот народен собир по повод 36 години од формирањето на партијата.

Настанот е најавен за 17 јуни во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.

Во видео порака објавена на неговиот профил на Фејсбук, Мицкоски порача дека годишнината претставува потсетник на почетоците и патот што го изминале.

„Пред 36 години беше создадена идеја која стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија. Идеја која ги обедини сите оние кои веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, на сопствен глас и на сопствена иднина. Денес, 36 години подоцна, го одбележуваме патот што заедно го изодевме, сите предизвици што ги надминавме и сите победи кои ги остваривме како народ – рече Мицкоски.

Тој додаде дека низ децениите имало и тешки периоди, кога, како што наведе, се барало да се заштитат државните и националните интереси.

„Имаше периоди кога требаше да се брани државата, кога требаше да се зачуваат националните интереси и кога требаше да се покаже карактер и истрајност. Државата кога беше одземена и требаше да стане повторно ваша. Секогаш кога било најтешко, силата доаѓала од народот. Од граѓаните кои верувале во Македонија и кои никогаш не се откажале од неа – потенцира Мицкоски.

Денес зборуваме за развој, инвестиции и подобар живот

Во пораката, Мицкоски нагласи дека фокусот денес е насочен кон економски развој и подобрување на условите за живот.

„Денес, нагласи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, гледаме напред. Денес зборуваме за развој, за економски раст, за нови инвестиции, за подобри плати, за модерна инфраструктура, за подобро образование, здравство и институции кои работат во служба на граѓаните“, порача тој.

Мицкоски упати и јавен повик за масовно присуство на настанот во Струмица.

„Ги повикувам сите членови, симпатизери, поддржувачи, сите граѓани кои веруваат во напредокот, во работата и во љубовта кон татковината, да ни се придружат на големиот народен собир. На 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица, заеднички да покажеме дека Македонија има сила, има енергија и има народ кој верува во својата иднина“, рече Мицкоски.

Тој заврши со порака „Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија!“.