Николоски потенцираше дека бројот на пасоши кои биле издадени на криминалци и убијци засега изнесува околу 215 пасоши, но тоа не значи дека можеби ги нема уште повеќе и дека бројот на издадени пасоши не достигнува и 2000 пасоши. Тој додава дека овој случај мора да се обзнани во целост и да се расчисти до неговата основа, односно од зачетокот.
– Можеби има уште пасоши кои што биле издавани на сличен начин. Доколку вработените во МВР кои со чесна намера сакаат тоа да го спречат, имаат било какви сознанија за издадени пасоши, а се плашат јавно да говорат за тоа, нека ги достават до ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ние ќе ги обзнаниме исто како и овие. Не смееме да се плашиме, туку мораме заеднички да се избориме да расчистиме со мафијата во државата, од мафијашката власт, па се до овие мафијаши кои земале македонски пасоши, истакна Николоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање на сите граѓани или пак припадници на МВР кои знаат нешто поврзано со овој случај.
– Објавувањето на овие матни работи и зделки на власта ќе продолжат и во иднина, а нивниот интензитет ќе расте со секој нов случај, кој верувајте дека сигурно го има, а македонската јавност ќе има шанса како и досега се да дознава од прва рака. Нема да престанеме во борбата против криминалот, заврши Николоски.