Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска соопшти дека со Албанија веќе се работи на изнаоѓање алтернативна рута за автопатот Ќафасан – Требеништа. Добро оди, рече Николоски, и работата на патот Извор – Гарски Мост, а автопатот од Тетово кој има три делници, се очекува да биде завршен за три години.
Како што информира Николоски, до крајот на годинава треба да се изготви и законот за крајбрежјата на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро со кој, како што рече, ќе се решат досегашните проблеми со плажите.
-Во однос на Коридорот 8, трасата Ќафасан – Требеништа, јасна е препораката – да се изнајде алтернативна рута или друга, различна од оваа што беше во рамки на договорот и да биде дискутирана со Албанија. Ние веќе интензивно комуницираме со Република Албанија и разгледуваме одредени опции. Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради и тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е само да се избере соодветна рута за да не наштети ниту на културно-историското наследство, ниту на биодиверзитетот. И ова не е прв проект во кој ќе се промени рута. Аавотпатот од Гостивар до Букојчани имаше една рута, но имаше и некои работи поврзани со екологија и заштита на ретки пештери од кои едната е можеби најзначајната во цела југоисточна Европа и решивме да ја промениме трасата, да одбереме траса со што ќе се заштити се што треба. Истото ќе го направиме и тука, нагласи министерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Струга.
Во однос на автопатот од Тетово, рече дека првите километри од првата делница Тетово – Гостивар ги очекува следната година, а целосното завршување во 2029 година.
-Вториот дел, до Букојчани, каде еден од клучните мостови веќе се изгради, очекувам да се заврши до крајот на 2029 година, додека за делот Букојчани – Кичево се чека одлуката на ЕБРД. Штом ја имаме, ќе го кажам и рокот, но согласно првите предвидувања, е околу три години, посочи Николоски.
Тој дополни и дека е во постојана комуникација со градоначалниците на Охрид, Ресен и Дојран во однос на крајбрежјата на трите природни езера.
-Во финална фаза е изрбаотката на законот што ќе ги реши сите прашања. Досега немало закон за крајбрежјата на трите езера. Ова е прв закон, за Охридско имаме и препорака од УНЕСКО која во законот ќе биде целосно испочитувана. Си дадовме задача до крајот на годината да го завршиме, за да се завршат и постапките, за со почетокот на сезоната март-април да ги немаме ситуациите што ги имавме досега, објасни Николоски.
За патот Извор – Гарски Мост најави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите, додека за клучката во близина на реката Треска, напомена дека е работена по сите еколошки стандарди.
-Таму добро оди динамиката, иако наследивме големи проблеми со свлечишта. Се работи за добар проект, зашто многу ќе се скрати патувањето и нема да се оди преку Маврово и Радика. Следниот период ќе се прави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите. Кај спојката меѓу двата автопата Охрид – Кичево и Извор – Гарски Мост или Кичево – Дебар, има клучка која е во близина на реката Треска и работена е по сите еколошки стандарди. Се изработија специјални резервоари за вода за целосна заштита, немаше водовод и канализација, а сега целосно се изградија и се уреди целиот простор, кој се надевам дека ќе се користи кога автопатот ќе биде пуштен во функција, рече министерот Николоски.
