Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денес излезе со нова прес конференција, која е продолжение на скандалот во однос на рекордниот криминален тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола за почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски.
-Продолжуваме со нови криминални детали. Би сакале да го прашаме менаџерскиот тим на Електрани на Македонија и особено шесте лица потпишани на договорот за јавна набавка кој што сакам повторно да ги прочитам, Пеце Матевски, Златко Алексовски, Драги Крстев, Владо Котевски, Димитар Петковски и Васко Јосифовски кој е нивниот мотив или да бидам попрецизен кој е нивниот финансиски интерес со цел да спроведат и да потпишат ваков тендер. Дали разликата од 30% помеѓу избраната понуда и најниска понуда е можеби мотивот за овие шест лица, директори во РЕК Битола да потпишат ваков криминален тендер, а претходно да постават критериуми кој што одговараат само на една компанија. Дали во криминалната постапка извршиле намерно зголемување на критериумите за учество на јавната набавка со цел како што кажав само една компанија да ги исполнува, што е директно прекршување на Законот за заштита на конкуренција? Дали намерно или ненамерно направиле превид дека фаворизираниот економски оператор Марковски компани со истата механизација веќе учествува на два други тендери што е спротивно на закон. Повторувам, со истата механизација веќе работи по два претходно добиени тендери, значи истите машини РЕК Битола ги ангажира за три активни тендери. Дали ова значи дека истата машина ќе биде платена трипати за иста дневна работа и дали ова значи дека денот во РЕК Битола нема 24, нема 48, туку има 72 часа. Повторувам, истата машина ќе биде ангажирана три пати, рече тој.
Николоски посочи дека ова значи дека Марковски компани ќе работи на три паралелни тендери со иста механизација, затоа што претходно со договор од 17.11.2023 за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива од 03.10.2023 година за ископ на јаловина со градежна оператива ја понудил истата работна сила и рударско-градежна механизација како и на новиот тендер од 46 милиони евра.
-Исто така раководството на Електрани на Македонија свесно и намерно дозволиле во условите на тендерската документација да нема забрана и злоупотреба односно да може да се користи истата опрема и истиот кадар. Понатаму еден од критериумите за утврдување на техничката способност со кој се барало идниот економски оператор да има извршено ископ од најмалку еден милион тони јаглен или 8 милиони тони јаловински маси кумулативно во последните три години. Во претходната постапка која исто така ја добил Марковски компани се барало да има само ископ на јаловина од пет милиони кубици, значи повторувам во оваа тендерска постапка се бара да има ископано 8 милиони тони кубици јаловина, а во претходната да има ископано 5 милиони кубици јаловина, а разликата од 3 милиони кубици јаловина е толку колку што има Марковски ископано помеѓу двата тендери. Значи практично расте критериумот како што растат тендерите на Марковски комапни со цел дискриминирање на останатите, а фаворизирање на еден економски оператор со цел никој друг да не може да учествува. Ова и бројни други факти говорат за сериозниот криминал кој се случува во РЕК Битола во корист на само една компанија за што најдобар доказ се јавните набавки кои Марковски компани ги има добиено во РЕК Битола, истакна тој.
„Само во периодот од јануари 2021 година до февруари 2024 година, односно за 3 години Марковски компани има добиено 58 тендери во РЕК Битола во вкупна вредност од 163 милиони евра. Повторувам има добиено за 3 години 58 тендери во вкупна вредност од 163 милиони евра. Само со последниот тендер можат да се изградат половина од сите средни училишта во Македонија. Само со последниот тендер од 46 милиони евра македонските средношколци можат да добијат нови училишта, практично секое второ средно училиште да биде ново само со последниот тендер на Марковски компани, а со вкупниот број на тендери можат да се изградат сите средни училишта во Македонија и да останат пари и за спортски сали и за базени и да имаме комплетна преродба на македонското образование.
Но, власта не го прави тоа туку решава да работи за своите криминални потреби. Повикувам надлежните органи, јавното обвинителство пред се сите тендери кои ги има добиено Марковски компани и да каже како е возможно за само 3 години да добиле тендери во вредност од 163 милиони евра, 58 на број, а исто така повикувам ЈО да испита зошто шесте директори на РЕК Битола прво не сакале, а потоа решиле да ја потпишат спорната јавна набавка за ископ на јаглен и јаловина во вредност од 46 милиони евра.
Доколку тоа не го стори сега ЈО ќе го стори ослободеното ЈО по претседателските и парламентарните избори на 8 мај, по кои и точка и запирка ќе биде прегледана и сите кои прават криминал ќе одговараат“, порача Николоски.