ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека е одговорен за состојбата во опозициската партија и дека не успеал да ја консолидира. Од владејачката партија тврдат дека во СДСМ се создаваат внатрешни опозициски фронтови чија цел е негово отстранување од лидерската функција.

„Венко не може да ги обвинува сите за состојбата во која што се наоѓа СДС. Партијата е во таа состојба заради тоа што конкретно Венко Филипче е на чело, а очигледно дека никој не се согласува со тоа, па дури се креираат цели опозициски фронтови за Венко да се тргне од чело на СДС“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценуваат дека Филипче не може да ги обвинува другите политички партии за позицијата во која се наоѓа СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, резултатите од последните избори покажале дека опозициската партија паднала на најниско ниво на поддршка, а Филипче го нарекуваат „чувар на фотелјата на Заев“.

ВМРО-ДПМНЕ се повикува и на јавните настапи на поранешни функционери на СДСМ, за кои наведува дека подолго време бараат Филипче да се повлече од партиското раководство. Во соопштението се тврди дека тој, и покрај падот на партиската поддршка, сè уште верува оти има легитимитет да остане дел од политичката сцена.

Владејачката партија наведува дека во изминатите две години работела на подобрување на состојбата во државата преку економски политики и проекти од кои граѓаните треба да имаат конкретна корист. Според ВМРО-ДПМНЕ, економските показатели покажуваат дека земјата се движи во правилна насока.

Во соопштението се обвинува СДСМ дека немал и сè уште нема капацитет да направи нешто добро за државата, а Филипче дека не успева да го прифати тоа.

„Две години како претседател на СДС само шири дезинформации и глупости во јавноста кои немаат никаква врска, кои постојано се демантирани дали од домашни дали од европски институции, две години лута и не може да се помири дека е опозиција и не може ни да ја консолидира партијата за да почнат да се однесуваат како опозиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата го обвинува СДСМ и дека избегнува учество во работни групи, меѓу кои и онаа за Изборниот законик, иако ова прашање е дел од реформската агенда. ВМРО-ДПМНЕ наведува и дека пратениците на опозициската партија избегнуваат пратенички прашања или меѓусебно се демантираат во Собранието.

Во соопштението се тврди дека СДСМ не може да се помири со опозициската улога и дека неговите претставници „уште живеат во златната ера што за нив беше кога крадеа сè и сешто“.

ВМРО-ДПМНЕ се повика и на настап на член на СДСМ на национална телевизија, кој, како што наведуваат, изјавил дека Филипче ја држи партијата „окупирана и узурпирана“. Според владејачката партија, истиот член забележал дека Филипче не може неодговорно да се однесува во јавноста, да биде гласен само за одредени теми, а за други да нема став и да „го нема на мапа“.

„На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Венко Филипче да е претседател на СДС. Не им одговара на граѓаните и на државата. Но ако продолжи вака, на добар пат се да се уништат меѓусебно, Венко и остатокот од талогот на СДС“, се наведува на крајот од партиското соопштение.