Без многу помпа, со многу работа и средби го решаваме проблемот со транспортерите. Веќе Хрватскиот Сабор го изгласа Законот за долгорочни визи, при крај сме со Романија да го решиме проблемот, а ја отворивме постапката и со Австрија. Со Швајцарија веќе функционира овој систем, така да за разлика од нашите соседи, ние го решаваме овој проблем тивко, истакна вицепремиерот Александар Николоски во интервју за ТВ Сител.
Тој објасни и како ќе биде аплицирањето за визите.

„Со таа виза можат да се движат во било која земја во рамки на Шенген зоната, а аплицирањето ќе е во амбасадата на Хрватска во Скопје, во другите дипломатско-конзуларни претставништва или директно во Загреб. Ние за разлика од некои од нашите соседи, доста тивко ја водиме целата операција. Сметаме дека се работи за еден суштински огромен проблем кој мора да се реши и не мислам дека начин на решавање на овој проблем е со голема гласност, со правење на дневно политички поени, со обвинување на други или со плачење на сопствената судбина и продуцирање на лажни надежи во јавни вести. Кога се случи протестот на превозниците во февруари, првиот чекор го направи самата ЕК, со тоа што заради протестот сфатија колкав е проблемот и ја презентираа нивната визна стратегија далеку порано од тоа што беше предивдено.

И таму беше јасно дека професионалните возачи ќе се признаат како категорија, претходно не беше призната. Тоа успеавме да го направиме, потоа беше прашање на методологија како, наш став беше дека е најдобро со долгорочни визи. Во текот на простестите итно заминав за Загреб, се сретнав со владини претставници вклучувајќи го и мојот колега вицепремиер и министер за транспорт, Олег Бутковиќ, каде рамката ја договоривме и таа рамка сега Хрватска ја обезбеди и да се заблагодарам на Хрватскиот Сабор што ја донеса таа одлука. Паралелно работиме и со Романија и таму процедурата е при крај, почнавме процедура со Австрија. Веќе оваа процедура е воведена во Швајцарија, која што не е земја членка на ЕУ, но е земја членка на Шенген зоната. Така што горе-долу го решаваме и го затвораме проблемот тивко, мирно без многу помпа, а многу работевме позади” – истакна вицепремиерот.