Најголем настан досега за Унијата на млади сили
На денешниот настан, организиран од Унијата на млади сили и Меѓународната демократска унија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакна дека ова е еден од најголемите настани во организација на Унијата на млади сили, предводена од Сергеј Попов. Според него, настанот е резултат на посветеноста, развојот и работењето на Унијата.
„Би сакал да честитам, ова е најголемиот настан којшто Унијата на млади сили го има реализирано од своето основање. Меѓународната демократска унија е најголемото семејство на центар-десни, конзервативни и центар политички партии во светот, и со тоа нејзиниот подмладок е најголемиот политички подмладок којшто ги застапува овие идеи и овие политички визии. Со самото тоа, тоа што Скопје е одбрано на светската мапа и тоа што Унијата на млади сили е избрана од сите подмладоци да го организира овој настан, мислам дека многу говори за посветеноста на Унијата на млади сили, на тимот предводен од Сергеј Попов“, рече Николоски.
Развој и поддршка на младите
Николоски потенцираше дека настанот е доказ за развојот на Унијата на млади сили, со особено внимание од страна на државата кон образованието, поддршката на студентите и вработувањето на младите.
„Ова е најдобар доказ дека Унијата на млади сили се развива, нешто што е гордост за сите нас. Секогаш најдобрите идеи и најдобрите кадри во ВМРО-ДПМНЕ произлегувале токму од Унијата на млади сили. Оваа генерација има светла иднина и партијата ќе црпи многу од овие луѓе коишто се сега во рамки на Унијата на млади сили. Европската народна партија е најголемо политичко семејство во Европа, низ еден дијалог ќе може Унијата на млади сили да презентира што правевме во изминатиот период и кои се нашите визии и планови за иднината. Посветуваме големо внимание, дали е тоа во делот на реформи во образованието, во делот на поддршка на студентите, вработување на младите лица, обучување и прифаќање на предизвикот за новите технологии кои што доаѓаат, навистина имаме еден широк спектар кадешто се бориме да помогнеме на младите луѓе“, вели Николоски.
