Компанијата барала субвенции од 25 евра по седиште
Министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека условите што ги побарал нискобуџетниот авиопревозник „Рајан ер“ за влез на македонскиот пазар се неприфатливи и невозможни за реализација.
Според него, компанијата побарала субвенција од 25 евра по седиште, што е значително повеќе од субвенциите што државата во моментов ги обезбедува за авиокомпаниите.
„Не мислам дека е добро решение за македонскиот пазар затоа што условите што ги поставуваат се невозможни. Ние во моментов даваме субвенции 9 евра за скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот аеродром, што се едни од повисоките субвенции што би можеле да ги најдете на пазарот и не случајно 28 нови дестинации се отворени за помалку од две години откако е избрана оваа влада“, рече Николоски.
Барале приоритет и укинување на дел од дестинациите
Николоски посочи дека барањата на компанијата вклучувале и дополнителни услови поврзани со работењето на аеродромите.
„Како што кажа, барањето на „Рајан ер“ е 25 евра субвенција по седиште, што е повеќе од 2,5 пати за скопскиот аеродром, приоритетно да се опслужуваат нивните аеродроми, да не се користат никакви услуги на скопскиот и охридскиот аеродром, а компанијата има дури и сопствени скали во авионите.“
Тој додаде дека компанијата побарала и укинување на дел од постојните линии.
„Барањето е да ги откажеме и дел од дестинациите кои што ги имаме“, рече Николоски, кој денеска присуствуваше на отворање на градски пазар во Виница.
