Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка партија која, како што наведува, од почетокот до денес била доследно определена за самостојна Македонија.

Николоски ова го објави на социјалните мрежи по повод одбележувањето на 36 години од формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

„ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка партија која секогаш била со јасна определба за самостојна Македонија. Единствена партија која секогаш била на страната на Македонија од самиот почеток до денес“, напиша Николоски.

Тој посочи дека развојот на земјата треба да се темели на конкретни проекти и политики, со посебен акцент на инфраструктурата.

„Македонија се гради со проекти, со паметни политики, со крупни инфраструктурни проекти кои ја подобруваат економијата и квалитетот на живот на сите граѓани“, наведе вицепремиерот.

Во објавата Николоски се осврна и на актуелната состојба во партијата, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов е најсилна од своето постоење.

„ВМРО-ДПМНЕ сега е најсилно од своето постоење, обединети како никогаш претходно. Во партијата има единство, труд и заедничка работа“, напиша Николоски.

Тој упати благодарност до членовите и активистите на партијата.

„Благодарност за секој еден член на ВМРО-ДПМНЕ, за секој еден активист! Да живее ВМРО-ДПМНЕ!“, порача Николоски.