Нема никаква дилема дека ќе разговараме, разговараме и сме разговарале со цел да бараме решение. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори. Тоа е нашата задача и пред граѓаните кои ни ја дале довербата, но и како Влада, да разговараме и тука нема никаква тајна и ќе продолжиме да разговараме – изјави премиерот Христијан Мицкоски, во однос на тоа дали постојат разговори за да се најде решение за придвижување на ЕУ процесот.

-Никој тоа не го спори, ниту пак некогаш досега некој тоа го спорел. Кога бев во Тиват, темите што јас ги разговарав со францускиот претседател Макрон и канцеларот на Германија, Мерц, главна тема беше придвижувањето на овој процес и одблокирањето на кочницата што ја имаме пред нас. Така што не е нешто нелогично Владата да разговара. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори. Тоа е нашата задача и пред граѓаните кои ни ја дале довербата, но и како Влада, да разговараме и тука нема никаква тајна и ќе продолжиме да разговараме. Ако некој тие разговори ги смета дека еве сега ние треба да седнеме на маса, па тука официјално да почнеме преговори или разговори, тоа така не функционира, иако и ние би сакале и такви разговори да имаме доколку се создаде можност. Така што ние сме разговарале, разговараме и ќе продолжиме да разговараме. Друго е прашањето дали во тие разговори ќе успееме да постигнеме решение, имајќи предвид која е нашата позиција – рече Мицкоски во Тема на денот на Сител ТВ.

Нашата позиција, како што додаде, беше комплетно предавнички губитничка врз основа на тоа што го потпишала претходната Влада.

– Е сега од таму почнуваме и се обидуваме педа по педа да повратиме нешто што може да се поврати. Така што ќе продолжиме да разговараме – рече Мицкоски во Тема на денот на Сител ТВ.

Во однос на тоа дали има посредник или олеснувач на ваквите разговори, Мицкоски посочи дека разговараат претежно со државници – претседатели на држави и на влади, како и со високи претставници на ЕУ. Додаде и дека има воспоставено директен контакт меѓу кабинетите на Мерц и Макрон со неговиот Кабинет.

-И не е тајна дека и кога беше претседателот Кошта, и кога беше комесарката за проширување и добрососедски политики дека тоа го разговараме и дека централна тема на нашите билатерални средби е токму тоа, така што нема тука тајни под или над радарот. Тоа е суштината на оваа Влада, покрај тоа да се грижи да ги реши домашните проблеми и домашните предизвици, да успее да ги реши и меѓународните, односно надворешните предизвици што се многу поголеми, имајќи ја предвид позицијата каде што почнавме, бидејќи 100:0 беше изгубена позицијата којашто ни ја остави претходната Влада – посочи Мицкоски.

Прашан дали има промена во интензитетот на разговорите и дали се сега се случува поголема активност за доаѓање до некакво решение, премиерот посочи дека во моментов е прилично сложена состојба во светот и според него не се знае дали апетитот за проширување сè уште ќе биде во оптиката на големите европски лидери.

-Ќе дадам мое гледиште. Првиот дел е дека интересот е поголем за проширувањето најмногу поради Украина. И во целиот овој контекст и Балканот како регион е опфатен. Но, се разбира, има многу предизвици во годините што се пред нас. Првите такви предизвици ќе се случат сега на есен, во најголемата економија во Европа, тоа е Германија, таму ќе има покраински избори, каде што гледаме еден висок рејтинг на Алтернатива за Германија, односно АфД партијата, којашто во една од покраините, Саксонија-Анхалт, може и самата да формира влада. Тоа може да претставува индикатор за реструктуирања и репозиционирања во германското општество и Германија како држава. И не сум сигурен дали тогаш апетитот за проширувањето сè уште ќе биде присутен или фокусот ќе биде кон домашните предизвици. Оти од друга страна, не сум сигурен дека втората поголема економија во Европа, тоа е француската, сè уште ќе го држи фокусот на проширувањето до есен, имајќи предвид дека таму имаме вовед во кампања за следните претседателски избори коишто ќе се случуваат на пролет, каде што гледаме дека Ле Пен, Бардела и останатите имаат сериозни шанси да влезат како победници. Нивната политика во делот на проширувањето на ЕУ ја знаете. А од друга страна, знаете кој е условот во францускиот парламент – три петини или референдум за прифаќање на нови земји членки во во ЕУ – рече Мицкоски.

Така што, додаде премиерот, од периодот којшто следи ќе имаме многу прашалници, ќе имаме многу непознати и ќе треба многу внимателно целиот овој процес да го да го анализираме. Од друга страна, посочи, тука е конфликтот во Иран, којшто се продлабочува, како и галопирањето на цените на нафтата.

Во однос на тоа дали може да зборуваме „за ист воз“ за проширувањето со нашите соседи Црна Гора и Албанија, Мицкоски рече дека ние на предизвиците треба да одговориме со засилување на испораката на реформите од Реформската агенда.

-Тука ќе дадам коментар. Се сеќавам на таа 2018 година кога насила се туркаше промената на уставното име и многумина од европските дипломати – тогаш ние бевме политичка партија во опозиција – нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот, дека ние сме фронтранери во регионот и дека ако го прифатиме и свариме овој залог, дека веднаш стануваме земја членка на НАТО и бидејќи сме ние тие што сме фронтранери, на брза лента ќе бидеме ставени, во рамките на четири-пет години ќе ги завршиме преговорите и ќе станеме земја членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред две-три години. Ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 21 година, односно со статус кандидат – рече Мицкоски.

Во контекст на тоа рече дека треба да се биде внимателен и оти неговата позизија не дозволува импровизации и брзоплети одлуки.

-Треба неколку пати да се размисли пред да се направи каков било чекор, да се анализира, за да се повлече потег. Ние на овие предизвици треба да одговориме со засилена испорака на реформи. Тоа го постигнавме со декемврискиот извештај од претходната година, да бидеме најголеми корисници на средства што доаѓаат од Реформската агенда. Тоа ќе го постигнеме сега со јунскиот извештај, повторно ќе бидеме најдобри и ако биде како што се најавите, ние ќе бидеме корисници на нов додаток, односно ќе имаме проширување на таа рамка. Ако досега имаме вкупен буџет – кредит, грант и буџетска поддршка од 750 милиони евра – тој додаток, значи зголемување на таа рамка, бидејќи три држави не испорачуваат доволно, не напредуваат во овој процес, а тоа се Србија, Косово и БиХ. Логично е тие средства коишто таму ќе останат неискористени да бидат доделени на овие земји – рече премиерот.

Затоа, нагласи Мицкоски, ние треба тука да се наметнеме како држава којашто сериозно претендира да испорача реформи и тука треба ние да одговориме жестоко и агресивно со испораката на тие реформи, што впрочем и го правиме.

Извор: Курир