Повеќе од 130 пријави за пронајдени угинати птици пристигнале до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 24 до 27 август. Кај три птици досега е потврдено присуство на вирусот на Западнонилска треска.

Од АХВ информираат дека вирусот е потврден кај два угинати гаврани пронајдени во Скопје и кај еден гавран пронајден во Ресен.

Иако бројот на пријави бил голем, не кај сите пронајдени птици можело да се спроведе лабораториско испитување. Од Агенцијата објаснуваат дека значителен дел од пријавените птици биле во напредна фаза на распаѓање, поради што не биле погодни за земање примероци и лабораториска анализа.

АХВ продолжува да ја следи состојбата на теренот, со цел да утврди каде и во колкав обем циркулира вирусот, како и да го процени ризикот од негово понатамошно ширење.

Надзорот ќе се спроведува на целата територија на државата. Тој ќе опфати живина што се одгледува во дворови и селски стопанства, птици што се чуваат во оградени или затворени простори, како и водни птици во некомерцијални одгледувалишта.

Од АХВ посочуваат дека досегашното следење веќе потврдило оти вирусот циркулира меѓу птиците во Скопје. Поради тоа, поединечните случаи на угинати птици во главниот град нема потреба дополнително лабораториски да се испитуваат.

Сепак, граѓаните треба да бидат внимателни доколку на едно место и во краток период забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици. Таквите случаи треба да се пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство.

За поединечни угинати птици во Скопје, граѓаните треба да ги известат надлежните комунални служби, односно ЈП „Комунална хигиена“, за птиците да бидат собрани и соодветно отстранети.

АХВ продолжува со активниот надзор на целата територија на државата.