Договорот треба да се деклацифицира
Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски се огласи околу спорниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградбата на Коридорите 8 и 10Д. Министерот вели дека договорот треба да се деклацифицира. За целосно да се види договорот засега македонската јавност ќе мора да чека одобрение од претставниците на конзорциумот.
Македонија може да добие повеќе километри од пропишаното
Николоски смета дека Македонија може да добие повеќе километри од пропишаното, а токму тоа ќе биде главен приоритет. Министерот вели дека треба да целиме да добиеме што е можно повеќе за истата финансиска сума.
-Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија, кажа Николоски денеска пред медиумите.
Што вклучува договорот за коридорите?
Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.