Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски посочува дека како Влада веруваат во европските вредности и затоа се борат да ги обединат своите граѓани со останатите од Европската унија-Ова што го прави Бугарија, ставајќи вето на нашите пристапни преговори е неоправдано.
Не е во согласност со европските вредности. Имаме јасна цел и веруваме дека еден ден ќе бидеме рамноправни со повеќето земји во Европа, вели Николоски.
Во интервјуто под наслов „Сакаме поблиска соработка“, освен за ЕУ перспективата на земјава, говори и за интерконекторот за природен гас со Грција, за железничката мрежа, за договорот со Бугарија за Коридорот 8, но и порачува дека регионот треба да дејствува заедно, а не секоја земја поединечно.
Изразува подготвеност за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција, објаснувајќи дека „за жал нашиот природен гас целосно доаѓа од Русија“ и затоа, како што вели, „потрбно е да ја намалиме оваа зависност“.
-Решението за алтернативно снабдување на земјата со гас е интерконекцискиот гасовод Грција-Северна Македонија, нагласува и додава дека „тоа е огромен проект што многу ќе значи за двете земји, како и за голем дел од останатите европски земји“.
Дополнително посочува дека „единствениот начин за напредок е создавање заеднички проекти кои ќе ги зближат двете земји уште повеќе“, но и дека е потребна подобра поврзаност меѓу земјите од Западен Балкан, подобра инфраструктур и комуникација, за да се зајакнат дипломатските односи меѓу земјите.
Во интервјуто за „Катимерини“, вицепремиерот се осврнува и на важноста на железничката мрежа и железничката поврзаност, нагласувајќи дека „новата брза железница е иднината на регионот“.
-Преку надградениот железнички систем во регионот ќе ја зајакнеме економијата, ќе создадеме подобра клима за инвестиции, нови работни места и нашите компании ќе можат да извезуваат и увезуваат повеќе стоки, истакнува Николоски, пренесе МИА.
Објаснува дека брзиот трансфер на токи од грчките пристаништа во централна Европа ќе донесе стабилност во целиот регион и ќе им помогне на економиите, особено на земјите поврзани со Коридорот 10.
-Треба да се дејствуваме како регион, а не како поединечни земји, да ја оставиме политиката настрана и да се фокусираме на економиите и создавање просперитетен регион, истакнува во интервјуто.
Се осврнува и на договорот со Бугарија за продолжување на изградбата на Коридорот 8, за кој вели дека е важен и дека заедно со Коридорот 10 ќе бидат „голема придобивка“.
-Сепак, нашите соседи мора да се посветат на неговиот развој.
Нема смисла ние да го градиме, а нашите соседи не, коментира министерот и објаснува дека планот што постои не е изводлив, но и многу скап, односно 560 милиони евра за 24 километри и затоа, посочува дека ќе треба да се направи нов план, одново да се пресметаат трошоците и „Бугарија мора да се обврзе и да гарантира дека ќе изгради свој дел“.
Во интервјуто напоменува дека се работи и на експресен пат што ќе го поврзе Скопје со границата со Бугарија, кој се очекува да биде готов до следната година.
аменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски минатата седмица учествуваше на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) што се одржа во Солун, а на кој освен што имаше свое обраќање оствари и низа средби, меѓу кои и со министрите за транспорт и поморство на Грција, Христос Стајкурас и Христос Стилианидис.