Кога почнала пандемијата, објаснува лекарот, првичните проценки биле дека станува збор само за вирусно-респираторно заболување кое ги напаѓа белите дробови. Но, како одминувала пандемијата сфатиле дека самиот ковид-вирус влегува преку респираторните патишта, меѓутоа цел на напад му е мускулестиот дел на крвните садови.

По ковид-пандемијата, бројот на срцеви удари е зголемена за трипати во споредба со периодот пред појавата на коронавирусот, вели за ТВ 24 началникот на одделението за кардиологија во Клиничката болница во Штип, Сашко Николов.

Ваквите наоди не произлегуваат само од анализите на кардиолозите во земјава, туку и на европските и светските лекарски здруженија.

Николов вели дека ако имале претходно по 20 пациенти со инфаркти на белодробието годишно, сега има по 15 месечно.

„Срцевите удари се зголемија за трипати од претходно. Инфаркти на белодробието, ако сме имале по 20 пациенти годишно, сега имаме по 15 месечно. Тоа се оние (пациенти) што доаѓаат што ги евидентираме и нотираме. Инфаркти на долни екстремитети и заболувања на крвните садови на нозете е зголемено четирипати. Тромбоза на длабоките вени, на површните вени е масовно зголемено. Има огромно зголемување на тромбоза на цревни артерии. Појавата на мозочни инфаркти кај млади луѓе е помножена со пет“, вели тој.

Според началникот на одделението за кардиологија на Клиничката болница во Штип, сето тоа е резултат на пандемијата.

Кога почнала пандемијата, објаснува лекарот, првичните проценки биле дека станува збор само за вирусно-респираторно заболување кое ги напаѓа белите дробови.

„Како што одминуваше пандемијата сфативме дека самиот ковид-вирус влегува преку респираторните патишта, меѓутоа цел на напад му е мускулестиот дел на крвните садови и тој прави инфламација на крвните садови кои потоа предизвикуваат масивни пневмонии со тромбемболии, со инфаркти итн.“, објаснува кардиологот.

Тој вели дека сега, во постковид-периодот, кардиолозите ќе имаат уште поголем број пациенти.

„Сега ние влегуваме во еден постковид-период каде што кардиолозите, за жал, велам за жал затоа што се зголемува работата и ќе се зголемува уште повеќе, ние ќе имаме се поголем број пациенти кои ќе имаат васкуларни заболувања, не само срцеви. Зборуваме за аорта, за долни екстремитети, на раце, на мозок. Голема е бројката и кај невролозите, особено кај популацијата од 25 години па нагоре“, вели кардиологот Николов.