– Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конкретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро – вели вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Тој, во интервјуто за МИА, зборува за активностите кои ги преземаат во борбата со корупцијата, изготвениот План, чекорите кои ги предвидува, како и за неговото тековно спроведување.

За извештајот на Стејт департментот во кој се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво, вицепремиерот вели дека не се рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството, но, тоа не само што не ги демотивирало, туку ги правело поодлучни во битката.

За случајот со починатиот овчар Златко Божиновски, Николовски потенцира дека по завршувањето на целата постапка, ќе имало одговорност секаде каде што ќе биде утврдено. Тој додава дека Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на алките во системот.

Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски и сомнежите што ги покрена, вицепремиерот посочи дека законите мора да се почитуваат, дека сите се еднакви пред нив, а надлежните институции во моментов постапуваат.