Мора да има одговорност, ред и дисциплина. Владата е насочена кон тоа, тоа е нејзината улога, мисија и визија. За секој случај, ако се докаже дека има прекршувања, ќе се покренуваат постапки, додаде Николовски.

Тој потсети дека досега веќе имаше разрешувања или покренувања постапки за разрешувања, а како примери ги посочи заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, претседателот на Надзорниот одбор на МИА, но има, истакна, и други директори и членови на органи и тела.

– Поголем е бројот на оние за кои се покренати постапки и се разрешени или е реагирано на некој начин од наша страна како што беше до министерот за здравство, дека треба да се разреши директорот на Струшката болница иако Кодексот не се однесува на ова ниво на функционери. Ќе се реагира секогаш кога ќе се констатира прекршок и тоа ќе важи за сите, без исклучок, напомена Николовски.

Вицепремиерот воедно порача дека треба да се разграничат ингеренциите и надлежностите, одговорајќи на новинарско прашање за случајот што го обелодени опозицијата, дека наводно скопскиот градоначалник исплатил еден милион денари за семејството на Царовска за изнајмување дрон.

– Ние не сме истражни органи да селектираме предмети, да правиме архиви или било што, ниту имаме ингеренции, туку сме тука за системски да ги решиме прашањата кои 30 години никој веројатно не се нафатил да ги реши за да се испорачува правда и одговорност, потенцира Николовски.

Владата, потсети вицепремиерот, ги повикува и охрабрува институциите да ги оставаруваат своите надлежности.

– Заврши времето кога не можеше на кој било функционер да му се спомне името, а не да се бара одговорност, да се покренуваат истраги и да има завршници како овие денес за кој и да станува збор. За секој случај за кој се зборува во јавноста, ги охрабруваме институциите да постапуваат, да покренуваат постапки, да се констатира одговорност, подвлече вицепремиерот.

Според него, не е точно дека предлогот за разрешување на Лидија Димова е направен пред што било друго, туку по поднесување кривична пријава од страна на финансиската полиција и констатирањето на сите неправилности или незаконитости кои треба повторно да се докажуваат во соодветната постапка. Димова како директорка на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност, директно одговара пред Кодексот за етичко однесување на именуваните функционери.

– Конкретно и детално се држиме до она што е наша обврска и должност по однос на имплементцијата на она што го содржи Кодексот. Тоа сега и ГРЕКО го потврдува и верифицира, дека навистина е почната е сериозна примена на одредбите кои се нови, а тоа се санкционите норми. Тоа прв пат се случува и е поздравена од ГРЕКО, истакна Николовски.

Тој уште еднаш повтори дека во конкретниот случај, со Димова, покрената е постапка веднаш по поднесувањето кривична пријава од страна на финансиската полиција.

На прашањето дали ќе биде побарана политичка или морална одговорност, тој повтори дека сите органи си ги работат случаите.

– Побарана е експресно документација и се она за што ги охрабривме институциите да работат во рамки на законот, не само за овој, туку и за кој било друг случај. Кодексот се применува на министри, заменици, на сите именувани од страна на Владата и во секој еден случај ќе реагираме кога ќе се констатираат прекршоци како што имаше во последниот период за многу функционери, потенцира Николовски.

Планот за борба против корупцијата, соопшти вицепремиерот, денеска ќе биде анализиран на Влада.