Не само антикорупциска, туку и Врховниот суд добил непотполна верзија на измените на кривичниот закон, без спорните членови со кои се намалуваат казните за функционерите. Од највисокиот суд за Телма потврдија дека добиле предлог измените без одредбите за злоупотреба и злосторничко здружување, биле потпишани од министерот за правда Кренар Лога и од Врховен се барало да даде свое мислење до 20 септември. Но, две недели порано, без да ги чекаат мислењата од институциите, законските измени потпишани од заменичката во правда влегова во собранието и беа изгласани.
Врховен одржа седница на одделот за казниви дела на која судиите ги разгледале овие измени кои предизвикаа реакции во јавноста. Во соопштението потенцираат дека донесувањето на законски измени кои имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведена без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди, но и дека досега никогаш не поддржиле намалување на казните за овие дела.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби во минатото немал забелешки за висината на казните во врска со членот 353 од Кривичниот законик, ниту предложил нивно ублажување“, велат од Врховниот суд.
Обвинетите бројат часови додека да почнат да важат овие измени кои за некои ќе значат застарување за некои драстично пониски казни. Според извори во неколку институции стапуваат на сила во петок. Беа објавени во „Службен весник“ на 7 септември, а пресметувањето почнува од наредниот ден. Според тоа, осмиот ден од објавувањето е 15 септември, е објаснувањето кое го добивме.
Обвинителствата и судовите сè уште немаат податоци колку предмети ќе застарат. Јавноста ги пресметува оние на звучните функционерски имиња. Оние чии предмети станаа правосилни порано нема да ги фатат законските измени. Јанкуловска е веќе одамна во затвор за „Тенк“. Затворска казна од почетокот на годината издржува и екс граодначалникот на Битола, Талевски. Двајцата одговараа токму за ставот 5 од злоупотреба на службената положба кој со новите измени се брише, но веќе ги поминаа сите три судски инстанци до Врховен. И екс минисерот за транспорт Јанакиески по пресудата за „Титаник“ на Апелација беше спроведен за издржување на тригодишната затворска казна, но пресудата му е за дело кое не е опфатено со измените на КЗ.
Предметите за кои настапува застареност пред Апелација може да се надеваат дека тоа ќе биде констатирано, но пред Врховниот суд измените на КЗ ќе имаат ефект само за предметите кои доаѓаат по жалба, но не и по вонреден правен лек.
„Доколку во конкретен предмет е дозволена жалба до Врховниот суд, во согласност со Законот за кривичната постапка, во тој случај би се применил поблаг закон, но тоа нема да биде случај со предметите по изјавен вонреден правен лек бидејќи се работи за правосилни пресуди“, велат од Врховен суд.