По утринскиот пожар со 11 повредени, избувна нов огнен фронт во истата област

Нов пожар избувна напладне во Аспропиргос, во близина на Атина, само неколку часа по големиот пожар во фабрика за резервни делови во кој беа повредени 11 лица. Според грчките медиуми, на терен се ангажирани 38 пожарникари со 14 противпожарни возила, а огнот е во близина на локацијата каде што претходно избувна пожарот.

Утринскиот пожар започнал околу 8 часот во фабрика за резервни делови, а во гаснењето биле вклучени 75 пожарникари, 20 возила и хеликоптери. Властите ги предупредија граѓаните да не се приближуваат до местото поради присуство на токсични супстанции.

Тројца се во тешка состојба

Според грчките власти, во пожарот се повредени 11 лица, од кои тројца се тешко повредени и интубирани.

Шестмина повредени се пренесени во болницата „Триазио“. Двајца од нив се интубирани и се во тешка состојба, тројца имаат полесни повреди и можно е да бидат пуштени на домашно лекување во текот на денот, додека едно лице веќе ја напуштило болницата.

Во болницата во Атика се згрижени уште пет лица. Едно од нив е интубирано и се очекува да биде префрлено на Одделот за изгореници, а останатите четворица самостојно побарале лекарска помош поради респираторни проблеми.

Стравувања поради резервоар со пропан

Според Противпожарната служба, во кругот на компанијата се наоѓа камион со резервоар за пропан, што дополнително ја усложнува ситуацијата и предизвикува загриженост кај службите.

На местото на настанот е испратена и специјална екипа која треба да ги утврди причините за избувнувањето на пожарот.