Српскиот стратег Дејан Мијатовиќ е официјално именуван за нов шеф на стручниот штаб на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром. Раководството на тимот брзо реагираше за пополнување на испразнетото тренерско место.

Управата на актуелниот македонски шампион денеска го официјализираше договорот со искусниот 58-годишен стручњак кој во Скопје пристигнува заедно со својот помошник Иван Дробњак.

Новиот тренерски тандем седнува на клупата на „сино-белите“ како директен наследник на Васко Атанасов, со кого соработката беше спогодбено прекината пред три недели.

Мијатовиќ доаѓа во исклучително деликатен момент за аеродромци, откако МЗТ запиша осум порази на последните десет натпревари во Супер лигата, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот. Негова главна задача ќе биде брзо да ја стабилизира екипата и да го врати тимот на победничкиот колосек.

Српскиот стручњак зад себе има богата тренерска кариера, а својот последен професионален ангажман го имаше водејќи го тимот на Борац Чачак во периодот од 2022 до 2024 година.

Официјалното деби на клупата на МЗТ Скопје Аеродром се очекува да го има веќе претстојниов викенд, на домашниот првенствен дуел против екипата на Штип.