Нов Зеланд денеска ќе пречека стотици патници од Австралија при повторно отворање на границата со соседната земја, за првпат од средината на 2021 година, откако Владата почна да ги ублажува сè понепопуларните мерки за коронавирус.

Културно-уметничките друштва на Маори ги пречекаа патниците додека семејствата и пријателите се поздравуваа на меѓународниот аеродром во Окленд, каде утрово слетаа два авиона од Австралија.
Нов Зеланд имаше некои од најстрогите ограничувања во светот за време на пандемијата, а неговите граници се главно затворени од март 2020 година, освен краткорочната дозвола за патување со Австралија минатата година, која беше прекината по неколкумесечно ширење на Ковид-19.

Премиерка Џасинда Ардерн изјави за австралиската телевизија дека е „исклучително возбудена“ поради повторното отворање, а „Ер Нов Зеланд“ соопшти дека денеска има 11 речиси полни летови од Австралија.

На странците претходно им беше забранет влезот во Нов Зеланд, а до февруари жителите кои сакаа да се вратат во земјата мораа да поднесат итно барање до Владата или да обезбедат место во државните установи за карантин.

Повеќето патници кои доаѓаат во Нов Зеланд треба да го поминат тестот пред поаѓање и пристигнување, додека повеќето странци треба да бидат целосно вакцинирани.

Туристите од земјите за кои не се потребни визи, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Сингапур, ќе можат да доаѓаат од 1 мај, додека за другите границата ќе остане затворена до октомври.

Нов Зеланд, со население од нешто повеќе од пет милиони, пријави 9.542 нови случаи во изминатите 24 часа, што е значително под максимумот од повеќе од 20.000 нови случаи на ден. Од почетокот на пандемијата се пријавени 497 смртни случаи од Ковид-19.