ВМРО-ДПМНЕ започнува нова теренска кампања под наслов „Очи в очи, за подобро“. Почнувајќи од следниот викенд, претседателот на партијата Христијан Мицкоски и членовите на Извршниот комитет ќе започнат со интензивни посети на општинските комитети ширум земјата.
„Ќе одиме од град во град, од населено место до населено место. Почнуваме кампања Очи в очи за подобро“, најави Мицкоски.
Тој појасни дека непосредниот контакт со народот е клучен за согледување на реалната состојба на теренот.
„Понекогаш најважните прашања не се поставуваат пред камера. Се кажуваат тивко, на маса, меѓу луѓе што добро знаат колку е тешко. Затоа што постојат работи што не можат да се разберат од извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати. Тие мора да се слушнат директно од луѓето. Токму затоа треба да разговараме очи в очи. Без однапред определен одговор и без барање сите да мислат исто“, порача Мицкоски на годишната конференција на УМС.
Мицкоски додаде дека за време на посетите детално ќе се разговара со граѓаните за сите реални проблеми, потреби и развојни проекти.
„Ќе зборуваме за она што е завршено — со датум, доказ и резултат. За започнатото — со јасна фаза, цена и рок. И за она што мора да се подобри — со разбирање за луѓето кои веќе предолго чекаат. Не за да слушнеме само пофалби. Не за да ја повторуваме веќе познатата слика. Туку за да разговараме и за она што функционира и за она што не функционира. За сработеното, за пропуштеното, за очекувањата и за одговорноста. Тешкото наследство може да објасни дел од проблемите; не може да биде трајна замена за одговорноста денес. Надворешната криза влијае врз цените и растот; не ја оправдува секоја домашна пропуштена можност. Не ветуваме дека еден разговор ќе реши сè. Но секој сериозен разговор може да открие што недостига, кој е надлежен и што треба да се провери повторно. Довербата не е нешто што еднаш се добива и засекогаш се задржува. Таа се проверува секој ден. Во одлуките што се носат. Во ветувањата што се исполнуваат. Во проблемите што се решаваат — но и во оние што предолго остануваат нерешени. Нема напредок без вистина за состојбите. Нема доверба без почит. Нема подобро без работа што може да се измери“, нагласи Мицкоски.
