Нова медицинска опрема доби Општата болница во Велес.

Два нови апарати за хируршкото одделение

Општата болница во Велес доби два современи медицински апарати – артроскоп за ортопедски интервенции со ендоскопски метод и хируршки ласер за уролошки интервенции, соопшти денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, Таравари ја посети Велешката болница за да ја претстави оваа нова инвестиција.

Таравари истакна дека не се вложува само во Скопје.

„Како Министерство за здравство продолжуваме да инвестираме во медицинска опрема, не само во скопските клиники, туку и во сите болници низ државата. Овие апарати значително ќе го олеснат процесот на интервенција за пациентите. Ќе го намалат времето на нивниот болнички престој на еден до два дена, што е современ медицински стандард“, изјави министерот Таравари.

Тој нагласи дека новата опрема не само што ќе овозможи побрзи и помалку инвазивни операции, туку и ќе ги намали трошоците на Фондот за здравствено осигурување.

Подобрување на кадарот во Велешката болница

Министерот Таравари информираше дека во Велешката болница наскоро ќе бидат ангажирани 23 нови специјалисти – 11 приватни и 12 државни специјализанти, кои веќе се при крај со својата специјализација.

„Овој дополнителен медицински кадар значително ќе ја зајакне болницата, што ќе придонесе за подобра грижа за пациентите во Вардарскиот регион. Министерството за здравство ќе продолжи да инвестира во јавниот здравствен систем, бидејќи пациентите се најважни во секој здравствен систем“, нагласи Таравари.

В.д. директорот на Општата болница – Велес, Александар Бузалков, истакна дека новата апаратура веќе е поставена во хируршкото одделение и ќе има големо значење за пациентите од целиот Повардарски регион и Источна Македонија.

„Минатата година, на Ортопедија беа извршени над 400 интервенции, а на Урологија над 90 со слични методи. Со новата опрема, очекуваме уште подобри и побрзи интервенции во нашата болница“, изјави Бузалков.

Нова медицинска опрема доби Општата болница во Велес, но министерството не застанува овде.

Идни инвестиции во медицинска опрема

Директорот Бузалков најави дека годинава ќе се подобри и опремата во одделението за физикална терапија, интерното одделение и акушерско-гинеколошкото одделение.

„Веќе е набавен апарат за операција на катаракта, а во текот на овој месец ќе започне постапка за набавка на дополнителна медицинска опрема. Очекуваме да набавиме и ехо апарат и микроскоп, а до средината на годината да започнеме со операции на катаракта“, додаде Бузалков.

Извор: Сител