Главната цел на менторската програма The Catalyst е зајакнување на капацитетите на стартапите на теми и области кои се значајни за секојдневното работење, здобивање со нови знаења и вештини, како и олеснување на пристапот пред потенцијални инвеститори.

-Годинава имавме серија активности со цел трансформација на стартап екосистемот. За нас е од голема важност менторирањето кај претприемачите, преку кое имаат шанса да научат како да се справат со предизвиците во бизнисот, да развијат лидерски вештини и да го унапредат претприемачкиот дух и затоа за активните корисници на ФИТР  со години обезбедуваме менторирање од домашни експерти. Развивањето на новата менторска програма The Catalyst е одличен пример за соработка меѓу државна институција и приватниот сектор со цел домашните стартапи да добијат вештини и знаење кои ќе ги направат подготвени за светските пазари, вели директорот на ФИТР, Коста Петров.

Почнувајќи од проектен менаџмент, како основа за добро раководење, па се до развој на производи, финансии, пристап до инвестиции и подготовка на „pitch decks“, стартапите ќе имаат можност преку интерактивни предавања да се запознаат повеќе со овие тематики. Програмата ќе ја спроведат експерти од PricewaterhouseCoopers (PwC), како и надворешни експерти со долгогодишно искуство во соодветните полиња како нивен придонес кон стартап заедницата и бизнис заедницата генерално.

-Потенцијалот за соработка помеѓу корпорациите и стартапите е огромен. За да функционира оваа соработка, двете страни треба да ја третираат како партнерство, да бидат отворени за учење и да ги прифатат разликите. PwC e голем поддржувач на стартап екосистемот насекаде во светот преку разновидни програми, обуки и овозможување на стартапите да пристапат до разни извори на финансирање. Ни претставува привилегија што ова ќе го овозможиме и тука заедно со ФИТР. The Catalyst програмата е мал дел од нашиот придонес кон стартап заедницата и се надеваме дека ќе помогне стартапите кои ќе учестуваат да добијат вредни информации и „know-how“ со цел нивен и наш понатамошен развој, истакнува директорот на PwC  Македонија, Драган Давитков.

Предавањата ќе траат од 22 ноември до 14 декември годинава, од 18 до 20 часот на платформата Zoom и ќе опфатат осум различни теми клучни за развојот на еден бизнис: Управување со проекти како дневна деловна пракса, Развој на производ и управување со животниот циклус на  производите, Иновации и креативно размислување, Управување со таленти / Совети и трикови за човечки ресурси, Деловен развој, Маркетинг во дигиталната ера & Однесување на потрошувачи (клиенти), Финансиски менаџмент, Како да се подготвите за одличен „pitch“?

Како што соопшти ФИТР, сите заитересирани за програмата можат да најдат повеќе инфо и да се пријават од 9 – 18 ноември до 14 часот на

https://fitr.mk/менторска-програма-за-early-stage-стартапи/.

Поради ограничениот број учесници, пријавувањето, напоменува ФИТР, ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“