Дирекцијата за заштита и спасување е во целосна готовност поради зголемената опасност од шумски пожари, откако Владата прогласи 30-дневна кризна состојба. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека противпожарниот тим кој ќе биде ангажиран во справувањето со пожарите ќе брои меѓу 2.000 и 3.000 луѓе.

Ангелов оцени дека состојбата е алармантна, бидејќи сушењето на бујната вегетација создава услови за брзо ширење на огнот. Поради тоа, тој упати апел до граѓаните за максимална внимателност и одговорно однесување во природа.

„Не фрлајте отпушоци од цигари, дури и кога мислите дека се изгаснати“, порача директорот на ДЗС.

Тој ги повика граѓаните веднаш да пријават доколку забележат лица кои носат предмети или средства што можат да предизвикаат пожар.

„Луѓето што носат течности во шишиња, луѓето што носат ракети, пламенофрлачи или големи пиротехнички средства, луѓето што носат гуми од возила во планините или на отворени простори каде што нема возила, веднаш пријавете ги во полиција, противпожарната служба или на бројот 112“, нагласи Ангелов.

Дополнителен ризик претставуваат и високите температури кои се најавуваат во следниот период. Метеоролошките прогнози предупредуваат дека температурите во земјава повторно ќе надминат 40 степени Целзиусови, што дополнително ги активира противпожарните служби и надлежните институции.

Како дел од подготовките, 40 возачи и оператори со специјални возила БТР-80 и „Пинцгауер“, кои претходно поминале преквалификација, ги демонстрираа нивните можности и маневарски способности за дејствување во тешко пристапни подрачја.

Во гаснењето на шумските пожари, покрај професионалните пожарникари, ќе бидат вклучени и доброволни пожарникари, кои ќе дејствуваат во координација со надлежните служби, информираше Ангелов.

Опасноста од пожари е зголемена и во поширокиот регион. Во последните две недели, пожарите што зафатија делови од Европа и Балканот уништија речиси 200.000 хектари шума, а во нив пет лица ги загубија животите.