Проширена акција со нови апсења

Акцијата поврзана со нелегалната трговија со ботокси и филери е проширена, при што се приведуваат нови осомничени, информираат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од синоќа до денес се спроведуваат претреси кај лица дел од криминалната група која се сомничи дека нелегално увезувала и дистрибуирала медицински помагала.

Меѓу осомничените лекари и сопственици на ординации

Во првата фаза од акцијата беа приведени повеќе од 10 лица, меѓу кои лекари од скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации, како и организатори на транспорт и продажба на нелегално внесени препарати. Неофицијално, дел од приведените се лекари од ГОБ „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија при Клинички центар „Мајка Тереза“.

Претреси во повеќе градови и запленета опрема

Од МВР информираат дека по наредба на Основниот кривичен суд се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. Во рамки на акцијата се одземени поголеми количини медицински лекови и помагала, луксузно возило, пари, парфеми и мобилни телефони.

Според првичните информации, филерите биле без одобрение, без соодветни упатства и декларации, а биле увезувани од Кина, Србија и Турција. Акцијата, како што посочуваат од Обвинителството, се води поради сомневања за кривични дела „Злосторничко здружување“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Примање поткуп“.