По усвојувањето на новиот Закон за игри на среќа, продолжуваме со неговата имплементација и дорегулација преку донесување на еден од потребните правилници – Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа – акт со кој детално се пропишува потребната документација за потврдување на репутацијата на правните и физичките лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип“, наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на ФБ.
Таа појаснува дека потребата документација меѓу другото се однесува на изречени санкции за забрана за вршење професија, изречена казна за забрана за приредување на игри на среќа и слични околности кои се значајни за нивното учество во приредувањето на игрите на среќа.
Ова е важен чекор, Правилникот ги претвора законските принципи во конкретни правила, процедури и критериуми што ќе можат да се применуваат во пракса“,наведува министерката.
Таа додава дека Министерството за финансии работи и на подготовка и донесување на останатите правилници потребни за целосна имплементација на Законот.
-Прецизната регулатива е основа за јасни и фер правила за работа во секоја индустрија, вклучително и индустријата на игри на среќа. За нас, донесувањето на Законот и на позаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација. Затоа, секој донесен правилник и секој следен чекор во спроведувањето значи дека законските решенија стануваат реалност, а нивната примена носи поголема заштита за граѓаните и поефикасен систем“, наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерката потсетува дека новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен на крајот на јуни оваа година, од причина што оваа област значително се промени во изминатите години. Со новиот Закон се воведоа повеќе новини чија заедничка цел е поголема заштита на граѓаните, посилна контрола и поодговорно работење во оваа индустрија.
Како што посочува во објавата потребна беше современа регулатива која ќе одговори на новите предизвици и ќе овозможи поголема заштита на граѓаните и поефикасен надзор.
