НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ШЕНГЕН ЗОНАТА

Европската унија воведува нови правила за влез во земјите од Шенген зоната. Таксата за влез во земјите од Европската унија ќе изнесува 20 евра, наместо најавуваните 7 евра. Оваа мерка ќе се имплементира од идната пролет, а од 12 октомври, секој што ќе патува во Шенген зоната ќе треба да пополни електронска регистрација.

Системот за влез/излез кој врши регистрација на биометриски податоци ќе започне да функционира од октомври, а целосно ќе биде имплементиран од април, следната година.

Со имплементацијата на системот за влез/излез, се воведува и ЕТИАС, електронската дозвола која граѓаните кои патуваат во ЕУ, ќе треба да ја пополнат пред самото патување.

Граѓаните на земјите надвор од Европската Унија, меѓу кои и граѓаните на Македонија, ќе треба да аплицираат пред самото патување за влез во 30 земји земји од Европската Унија.

Туристичкиот сектор и Асоцијацијата на европските авиокомпании остро реагирааа по најава за зголемување на таксата, тврдејќи дека оваа одлука ќе има последици врз индустријата и граѓаните.

Македонските туроператори предупредуваат дека новата такса ќе создаде дополнителни проблеми при организирањето на групните патувања. Според нив, ситуацијата наликува на компликациите со формуларите што се бараа за време на ковид пандемијата.

„Дефинитивно ова ќе биде тежок процес, не само за патниците туку и за нас како агенции“, велат туроператорите. Тие објаснуваат дека ќе им треба подолг период за адаптација и дека ќе биде предизвик да се вклучат во целиот нов систем на фактурирање. „Особено кога станува збор за оние групни патувања низ Европа“, нагласуваат.

Од друга страна, според официјалното упатство објавено на веб-страниците на Европската Унија, процедурата за аплицирање за ЕТИАС изгледа едноставно. Се пополнува онлајн формулар, каде што се внесуваат лични податоци, број на пасош и се одговара на неколку безбедносни прашања.

Системот предвидува одобрението да се добие автоматски во рок од неколку минути. Валидноста на одобрението ќе биде три години.

Исклучоци од плаќањето такса има, но тие не значат и ослободување од обврската за одобрение. Без обврска за плаќање ќе бидат децата под 18 години, лицата постари од 70 години, членовите на семејства на државјани на ЕУ, како и одредени дипломати. Сепак, и тие ќе мора да поседуваат валидно ЕТИАС одобрение.