Новинарите кои денеска ќе присуствуваат на годишната прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин ќе бидат испрскани со сребрени честички на влезот за дезинфекција.

– Подготвувајќи се за конференцијата за новинари нашите експерти посебно внимание посветија на санитарните барања, наведе портпаролката на одделението за претседателски имот Елена Крилова.

Путин денеска ќе ја одржи традиционалната годишна прес-конференција. Поради мерките против коронавирусот, годинава бројот на новинари ќе биде ограничен на 500, а конференцијата ќе се одржи на поголем простор.

За учество на прес-конференцијата ќе бидат потребни три ПЦР тестови.

Големата прес-конференција на Путин е годишен настан кој се одржува од 2001 година.

По правило, шефот на државата прво се осврнува на главните економски и социјални показатели, а потоа новинарите имаат можност да поставуваат прашања.