-Ситуацијата повеќе не е одржлива, рече белгискиот премиер Александер де Кро, додавајќи дека мора да се воведат нови ограничувања за да се забави ширењето на инфекцијата.

Денеска во Белгија е потврден првиот случај на инфекција со новата варијанта на коронавирусот, кој што за прв пат е откриен во Јужна Африка.

Претходно, белгискиот виролог Марк Ван Ранст, чија лабораторија тесно соработува со белгискиот јавно здравствен систем, објави дека во моментов во Белгија се анализираат два сомнителни примероци.

Тој сега на Твитер објави дека еден од овие примероци е идентификуван како варијанта Б.1.1.529, што шири загриженост низ светот. Како што изјавил, станува збор за лице кое допатувало од Египет.

Во текот на изминатата недела, дневниот просек на заразените во Белгија бил 16.762, што е за 48 отсто повеќе од претходната недела. Бројот на примени во болниците е зголемен за 22 отсто.

Првата од серијата мерки, кои засега ќе важат три недели, е затворање на ноќните клубови и дискотеки веќе викендов. Баровите и рестораните можат да работат до 23 часот, а на една маса може да има најмногу шест лица.

Премиерот Де Кро најави поддршка за оние чиј бизнис ќе биде спречен или значително намален со новите ограничувања.

Нема ограничувања за куќни собири, но забранети се приватни забави надвор од станови и куќи. Се препорачува брзо антигенско тестирање пред одење на поголеми семејни собири, а граѓаните се повикуваат да бидат особено внимателни кога станува збор за контакт со загрозени лица.

-Ограничете ги вашите контакти, повика белгискиот премиер.

Работата од дома, секогаш кога е можно, останува задолжителна четири дена во неделата како и досега.

Спортските натпревари во сали можат да продолжат, но без публика. Исклучок се натпреварувачите помлади од 18 години, чии родители можат да влезат во салата.

Министрите за образование на белгиските федерални единици викендов ќе разговараат за новите мерки во училиштата.

Министерот за здравство Франк Ванденброук рече дека мора да се почитува обврската за носење маски, да се измери нивото на јаглерод диоксид во училниците и дека треба да се избегнува мешање од ученици од различни одделенија.

Сојузните министри за здравство подготвуваат план за забрзување на вакцинацијата.

Дополнителна бустер доза се препорачува за општата популација, под услов прво да се започне со оние над 65 години и со здравствените работници. Досега, 1.250.000 постари граѓани или оние со полоша здравствена состојба примиле бустер доза во Белгија.

Во Белгија, 75,31 отсто од населението во моментов е целосно вакцинирано.

Холандската влада, исто така, се очекува да објави нови мерки, а ќе вклучи и предвремено затворање на кафулињата, рестораните и повеќето продавници.

Вршителот на должноста премиер Марк Руте се состанува со кабинетот за да донесе конечна одлука за мерките што треба да им помогнат на болниците, преплавени со нови случаи на Ковид-19, да не ги пополнат целосно нивните капацитети.

Државната телевизија НОС вчера објави дека највисокиот здравствен одбор го советувал Руте да ги затвори рестораните и продавниците што не продаваат основни потреби уште во 17 часот, но да ги остави училиштата отворени.

Руте ќе и се обрати на јавноста во 18 часот, а безбедносните сили се подготвуваат за нови протести по најавата за нови мерки.

Холандија имала повеќе од 20.000 случаи на ден минатата недела, а инфекцијата продолжува да се шири и покрај повторно воведените ограничувања како што се задолжително носење маски и затворање на кафулиња и ресторани по 20 часот, што било воведено на почетокот на овој месец.

Голем пораст на бројот на заразени лица се случува и во Холандија и покрај фактот што 85 проценти од возрасната популација е вакцинирана.