Според научниците во Јужна Африка, младите на возраст од 20 до 30 години се разболуваат со средно тешка или тешка форма на болеста, а некои завршуваат и на интензивна нега. Околу 65% од разболените не се вакцинирани, а повеќето од останатите се вакцинирани само со една доза.
Вакцинацијата останува клучен фактор за спречување на ширењето и на овој сој.
Поради омикрон многу земји од петокот воведоа нови рестрикции за патување, а фармацевтските компании се во трка за да утврдат дали новите вакцини против ковид-19 се ефикасни. Научниците велат дека ќе трeба неколку недели за да се дефинира типот на болеста што ја предизвикува новиот сој, да се утврди колку е заразен и колку е проширен.
Некои забележуваат дека и други варијанти, како бета, прво беа откриени во Јужна Африка, но со време ги замени делта. Делта сојот останува доминантен во светот, но уште не се знае дали омикрон ќе може да надвладее.
Но најголемото прашање останува дали ќе издржи заштитата на вакцините – скоро 8 милијарди дози се примени во цел свет. И дали оние кои прележале ковид ќе бидат имуни од зараза со омикрон? Експертите не знаат и дали омикрон ќе предизвика потешка или полесна форма на болеста од другите соеви. Но, научниците немаат дилема дека вакцинацијата треба да остане приоритет, оти сепак ќе дава заштита до извесен степен. Исто така, секој треба и понатаму да носи маска, да избегнува гужви, да ги проветрува просториите и да мие раце.
Светската здравствена организација (СЗО) официјално го именуваше новиот сој омикрон, и соопшти дека има многу мутации, а првичните сознанија сугерираат зголемен ризик од реинфекција. Првичните студии покажуваат дека степенот на репродукција на омикрон е 2 – што значи дека секој заразен ќе го пренесе на уште двајца. Но омикрон има над 30 мутации во делот на вирусот кој што го напаѓаат постоечките вакцини. Експерименталните антивирусни таблети, како паксловид на „Фајзер“ и молнупиравир на „Мерк“, ги напаѓаат деловите на вирусот кој не е сменет со омикрон, така што овие таблети може да станат уште поважни ако има закана за имунитетот стекнат од вакцините.