Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците утврди дека постои потреба од донесување на нов Закон за судска служба и нов Закон за јавнообвинителска служба, со што двата законски предлога од реформската агенда добија поддршка во прво читање и продолжуваат во понатамошна собраниска процедура. Членовите на Комисијата, исто така одлучија во пресрет на пленарната седница да се организира јавна расправа за предложените законски решенија од реформската агенда.
Пред членовите на Комисијата, предлозите ги образложи заменик-министерот за правда Ален Деребан кој посочи дека законските решенија се совпаѓаат со реформската агенда и се во функција на најавените вистински реформи во судската служба и јавнообвинителската служба.
-Предлог Законот за судска служба претставува едно од клучните законски решенија насочени кон независноста, ефикасноста и професионалноста на судството и судската власт. Постојниот закон за судска служба беше донесен во 2014 година во услови на усогласување со тогаш системски закони во јавниот сектор и законот за административните службеници. Иако во изминатата деценија повеќе пати законот бил изменуван и дополнуван, неговата примена покажа сериозни ограничувања, слабости и недоследности. Причината за тоа е што судските службеници имаа статус на административни службеници, иако нивните работни задачи, одговорности и улога во функционирањето на судската власт се суштински различни. Најзначајна новина која се воведува со овој предлог закон е издвојување на судските стручни службеници како посебна категорија на вработени во судската власт, со сопствен законски режим и со статус на посебни административни службеници. Со ова решение се реализира една од клучните мерки во развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 година и во реформаската агенда, нагласи Деребан.
Мнозинството од членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците донесоа одлука со која предложениот Закон за судска служба е прифатлив и овозможија да продолжи процедурата до второ читање.
Поддршка доби и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, кој исто така продолжува во следната фаза од законодавната постапка.
Според заменик-министерот Деребан, една од најзначајните новини е издвојувањето на јавнообвинителските службеници од категоријата административни службеници и нивно дефинирање како посебна службеничка категорија.
-Законот за јавнообвинителската служба претставува значаен реформски чекор во насока на зајакнување на независноста, самостојноста, ефикасноста и професионалноста на јавното обвинителство. Една од најзначајните новини на предлог законот е издвојување на јавнообвинителските службеници од класичните административни службеници и добивање статус на посебни службеници. Ова решение не е само национален реформски приоритет, туку и обврска која произлегува од реформската агенда и развојната секторска стратегија за правосудството. Посебно внимание е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници, затоа што досегашниот систем имаше ограничени можности за напредување, особено на правниците и другите стручни кадри. Во делот на материјалната положба на вработените во јавното обвинителство, со законот се имплементира едно од најзначајните барања со реформската агенда, а тоа е унапредување на нивните плати и зголемување, а се воведува нов систем за пресметка на платите, истакна Деребан.
Во јавната дискусија, пратениците од опозицијата истакнаа дека за предложените решенија не добиле доволно време и кратки рокови за запознавање со законските решенија и најавија во амандманска расправа за подобрување на квалитетот за новиот Закон за судска служба и Закон за јавнообвинителска служба. На предложените решенија ќе им претходни јавна расправа, која пратениците од владејачкото мнозинство ја прифатија.
-Ја поддржуваме јавната расправа што ја бара опозицијата затоа што ние се залагаме за реформи. Ја поддржуваме затоа што се залагаме за подобра Македонија, ја поддржуваме за јавноста да види дека донесуваме добри закони. Ние ќе продолжиме да бидеме мнозинство кое што не само „дејуре“ туку и „дефакто“ прави реформи за тоа како да станеме членка на ЕУ. Јавноста треба да знае кој е за Европа, а кој е псевдоевропјанин, кој е за реформи, а кој за статусскво. Ние прифаќаме јавна расправа за потранспарентна и поотчетна постапка и затоа го поддржувам предлогот на опозицијата за јавна расправа и ќе се потрудиме тоа да биде пред амандманската расправа, истакна пратеникот Љупчо Пренџов, воедно претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
