Здравствениот дом во Валандово доби ново амбулантно возило, комплетно опремено за итни интервенции. Оваа опрема пристигнува како донација преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција и проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето – Heart Safe CBA“.
Вакви три возила ќе бидат набавени и за општините Струмица, Радовиш и Гевгелија, истакна на примопредавањето директорот на Центарот, Јован Коцев.
„Кога зборуваме за итна медицинска помош секоја секунда е важна и навремената реакција може да спаси живот. Вкупната реализација на овој проект е околу 1 200 000 евра од кои за активности на центарот се предвидени околу 500 000 евра. Со набавката на ова амбулантно возило ќе се подобрат условите за медицинските екипи и ќе има подобар пристап во итните интервенции. Ќе продолжиме со реализација на проекти каде придобивки ќе имаат општините и граѓаните од целиот Југоисток“, посочи Коцев.
Возилото е комплетно опремено, а неговата намена ќе биде важна не само за жителите на Валандово, туку и за транзитните туристи. Општината, заедно со другите поголеми општини, го покрива и Дојран во текот на летната сезона, нагласи градоначалникот Камчев.
„Пред неполни две години го започнавме заеднички овој проект кој навистина е од големо значење за итните медицински екипи во четирите општини Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш. Денес добиваме едно супермодерно возило и сметам дека многу ќе биде олеснета работата на медицинските екипи на Итната медицинска помош“, рече Камчев.
Во рамки на проектот претходно беа организирани и еднодневни обуки за четирите општини, наменети за медицинските лица од Итната помош и Ургентните оддели, преку кои се стекнуваат основни познавања и вештини за згрижување на критичен пациент. Проектот се реализира во рамките на „Интерег ИПА Програма за прекугранична соработка“ помеѓу Грција и Македонија за периодот 2021-2027 година, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички, со вкупно времетраење од 24 месеци и буџет од 1.217.146 евра.
