Опозицијата си прави илузии и фантазии за некаква нова револуција, реагирајќи на шпекулациите за повторување на сценаријата од 2016 година. Ваквите ставови ги изнесе безбедносниот аналитичар Владо Јовановски за време на своето гостување во поткастот „Наткаст“ со новинарот Љупчо Цветановски.

Аналитичарот посочи дека секој политички субјект запаѓа во длабока криза кога ќе го изгуби контактот со општествената реалност.

„И човекот и државата и политичките партии, сите тие политички субјекти во општествените случувања имаат голем проблем кога не прецизно или не добро ја перцепираат општествената реалност. Она народски речено за некој кој не ја перцепира реалноста на вистински начин, велиме дека ‘одлепил’ малку“, нагласи Јовановски.

Тој истакна дека иако правото на фантазија е индивидуално и легитимно за секој поединец или политичка партија, мора да постои граница на реалноста.

„Би рекол дека тоа е исто како јас сега да кажам дека за две години ќе влезам во ринг со Мајк Тајсон, иако тој не е активен повеќе, но сеуште е силен, и да бидам сериозен во таа намера. Секако тоа малку не е соодветно со реалната состојба и тоа би можело да биде многу опасно за Мајк Тајсон се разбира“, повлече паралела Јовановски.

На крајот, тој потенцираше дека државата има обврска трезвено да ги анализира и перцепира актуелните геополитички околности. Според неговите заклучоци, неопходно е првенствено да се обезбеди и гарантира стабилно ниво на национална безбедност за да може општеството да се развива понатаму.