Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции побара помош од евроамбасадорот Михалис Рокас и од Европската Унија за справување со антиевропската пропаганда на власта и процесот на уставни измени. Ваквиот потег отвора прашање за мотивите за барање помош од надвор со цел менување на волјата на мнозинството граѓани во Македонија во име на сопственото политичко преживување, што претставува себепонижување и срам за нацијата. За социјалдемократите зачувувањето на сопствениот политички опстанок очигледно има предност пред апстрактната идеолошка чистота, што се случува кога една партија се наоѓа во морален распад и дејствува против сопствените вредности вршејќи национално предавство. Угнетувањето не се одржува само со сила, туку зависи и од еден вид морална неспособност или неподготвеност да се слушне она што е важно. Македонскиот глас не беше слушнат во Европската Унија и покрај долгогодишните молби, објаснувања и протести, поради што не може да се бара помош од оној што сака да ја зачува сликата за сопствената невиност за опструкциите на македонскиот евроинтегративен пат цели 22 години, освен кога одредени политички структури прифаќаат себепонижување на штета на државата и народот.
Политичкиот опстанок на партијата нема да се обезбеди преку апелирање до моралот на Унијата и барање помош, бидејќи така се оправдува нанесената неправда и се одржуваат системите на моќ што им штетат на македонските национални интереси. Тежината на барањето помош од Европската Унија за прашања од внатрешен интерес од страна на партиски лидер предизвикува директна штета и испраќа порака дека наметнатото вето како услов за пристапување е прифатливо и оправдано. Нормализацијата на таквото однесување може да доведе до сериозна опструкција на патот кон евроинтеграциите и во борбата за правда. Фокусирањето на општеството кон разбирање на перспективата на ЕУ за ветото ги дефокусира корените на проблемот, овозможувајќи ѝ на Унијата да ја избегне одговорноста и да продолжи со штетните постапки кон Македонија. Ваквиот наратив сочувствува со барањето за промена на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, префрлајќи ја вината врз сопствената држава и правејќи нè одговорни за сопственото страдање, со сугестија дека земјата треба повторно да се прилагоди и понижи.
Ова не е првпат раководството на оваа политичка опција да се откажува од начелата, да избегнува одговорност и да се покорува на моќта водено од клиентелизам или личен интерес. Политичарите кои се приклонуваат кон ветувања за статус и привилегии одбиваат да заземат јасен став за време на кризи и се кријат зад меѓународните авторитети за да не носат тешки одлуки. На тој начин претходно беше сменето името на државата, беа компромитирани историјата и јазикот, а сега се отвора пат и за промена на Уставот. Барањето помош од евроамбасадорот е одраз на длабока потчинетост и подготвеност за исполнување на туѓи барања во замена за доаѓање на власт. Ваквото политичко постапување претставува прифаќање на улогата на потчинет во односите на доминација, со што се одржуваат системите на угнетување и се пренасочува вниманието од суштинските причини за неправдата, додека реалноста на онеправданите граѓани останува секојдневна борба за достоинство и опстанок.
